Тешка образовна година: Средношколците не веруваат на празни ветувања

Објавено: 2 септември, 2015, во 08:09 часот

Знамињата на средношколскиот пленум повторно се развијориа пред Министерството за образование. Учениците на јавна дебата го означија почетокот на новата учебна година во која останаа старите проблеми кои минатата година ги извадија од училишните клупи. Тие не се задоволни од игнорантскиот однос на власта која соред нив најавува одложувања но не и конкретни решенија за според нив лошите реформи за кои и самата е свесна дека се неспроведливи и однапред осудени на пропаст. Средношколците подржани од своите професори и родителите порачуваат дека оваа учебна година ќе следи нова битка, во која очекуваат барем еднаш надлежните да си го остварат ветеното, но не за средба поради средба, туку за заеднички решенија на проблемите кои како што велат со години го уназадуваат образовниот процес, пишува Фактор.

“Тие ги менуваат ставовите, ние планираме менување на барањата. Сакаме да добиеме рамноправна инволвираност во донесувањето на новиот концепт за државна матура и кога ќе се донесе да стапи во сила за оние средношколци кои би се запишале во средно училиште. На надлежните можеби им се битни само изборите, но за нае е најбитно нашето образование и во никој случај не сме инструирани од ниту една политичка партија. Независно кој е победник на изборите или кој е моментално на власт, Средношколскиот пленум ќе се бори за подобро образование против лошите реформи”- вели Андреј Битраков од Средношколски пленум.

Второто полугодие од минатата учебна година помина со блокирање на редовната настава во училиштата, а дел од скопските средношколци повеќе од три недели кампуваа во паркот наспроти ресорното министерство со надеж дека надлежните ќе ги прифатат нивните аргументи за стопирање на реформите во образованието. Тие не ја исклучуваат можноста за нова радикализација.

“Ќе почнеме од најнерадикалната мерка преку можност за разговори и заеднички закчучоци. Не исклучуваме радикализација на одлуките доколку не се исполни ветеното. Ја продолжуваме битката. Имаше притисоци, очекуваме и оваа година истите да бидат позасилени од училиштата, но спремни сме да се соочиме со факти и аргументи. Минатата година и покрај заканите дека нема да земеме свидетелства,дека ќе има продолжување на учебната година и слично, ништо не се случи.Тоа е знак дека има сериозни проблеми, а не се решаваат. Едноставно се прикриваат. Ние сакаме квалитетно образование, но учениците и професорите да бидат вклучени како активни чинители во креирање на нов концепт за државна матура која ќе се темели на заокружување на стекнатите знаења, потврдување на квалитетот, а не дополнително и бесцелно оптоварување” -вели Ана-МаријаМилојевиќ од Средношколскиот пленум.

Средношколци: “Пленумот е наша партија, знаењето е наш лидер!”

Средношколскиот пленум веќе ги одреди своите нови претставници, наследници на минатогодишните матуранти кои активно ја водеа борбата за враќање на стариот концепт на државна матура и укинување на екстерното тестирање. Овие сериозни точки кои според нив го уназадуваат образовниот процес треба сериозно да се разгледаат бидејќи носат негативни последици за учениците, професорите, па и за министерството како носител и спроведувач на истите. Идеите и размислувањата на младите луѓе-порачуваат средношколците, не треба да ги плашат туку напротив да ги мотивираат одговорните да го слушнат нивниот глас. Учениците ги отфрлаат обвинувањата за партиско-политичка позадина на нивното делување.

“Ние како пленум во повеќе наврати покажавме и докажавме дека немаме никаква поврзаност со партиите, ние сме само голем збир на млади луѓе со критичка мисла и цврст став. Искрено жалам што таа наша критичност сакаат партиски да ја обојат, но тоа не е наша вина затоа што сепак, ние не бевме тие кои им се обративме со: “Знам јас кој те праќа тебе.” Затоа, ако забележале партиски влијанија за време на преговорите со нас, тогаш ќе мораат да ја преиспитаат нивната страна од преговарачката маса”-вели средношколката Симона Туфекџиќ.

Текстот во целост прочитај го тука.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.