Вундеркидот од Велес и годинава ќе си седи дома наместо пред време да оди на училиште

Објавено: 3 септември, 2015, во 13:43 часот

Наместо во ученичка клупа и годинава велешкиот Вундеркид, Кристијан Арсов, ќе седи дома. Неговата возраст од четиригодини и десет месеци, а не интелектуалниот капацитет, била пречка за предвремено запишување на училиште.  Тоа не го дозволува Законот за образование, рекоа од министерството за образование. Ова надпросечно талентираното дете, според мислењето на педагошко – психолошката служба на ООУ „Васил Главинов“ која има и магистер инаку социолог, уште еден псхолог и еден педагог во училиштето, како и на неколкумина докажани експерти по психологија во државата, ќе може да се запише на училиште кога ќе наполни 5 години и 8 месеци. Ова дете воопшто не е криво што државата нема програми за талентирани деца, коментираат експертите. Тоа тешко го прифаќаат и родителите на Кристијан кои сметаат дека државата и досега требаше да му даде шанса на нивното дете.

Не треба да му се скратува детството на ниту едно дете. Ако тоа е талентирано кога ќе наполни 5 години и 8 месеци ќе може да ја докаже сопствената зрелост, интелигенција и мултиталент, сметаат надлежните.

Тие по прозивките од родителите на Кристијан испратија негативен одговор на барањето од училиштето „Васил Главинов“ за предвремено запишување на Христијан во прво одделение.

„Повторно уште една изгубена година. Тапкање во место, разоќарани сме но, немаме излез. Нема програма во Македонија за деца со надпросечна интелигенција. Незнам што да кажам освен дека еве сега во моментов ми дојде идеја да се обратам до дипломатските преставништва на странските земји во Македонија. Од нив да побарам помош, од некој странски институт заинтересиран да ја измери интелигенцијата на моето дете и доколку потврдат да го прифатат. Дојдов до информации кои странски држави располагаат со образовни програми за мултиталентирани деца,“ рече мајката на Кристијан,Борка Југова Арсов.

Инаку основното општинско училиште „Васил Главинов“ во мај годинава испрати барање до педагошката служба на министерството за образование за предвремено запишување на Кристијан во прво одделение. Во него пишува дека Кристијан покажал доста висок скор на Равеновите прогресивни матрици, ниво на постигнување за 7,5 години , што го сврстува во категорија високо натпросечно интелигентни, ИQ = 141.

„Прифати да црта и човечка фигура, GUdinaf тест, резултатите му се за на 7,9 годишна возраст. Беше тестиран со педагошки тест за брзина на читање и прочита 78 зборови во минута. Просекот на генерацијата е 36 зборови во минута. Брзо и со леснотија стекнува знаење од различни области. Препораки: Ученикот да се изгради во мрежата на поддршка за развој на надареноста, стимулирање на развој на неговите и општи и специфични особености. На Кристијан да му се даде можност неговите знаења, вештини и способности да ги структуира низ образовниот процес. Законската рамка не би требало да преставува рамка за неговиот развој,“ пишува во писмото на основното училиште кое беше испратено до министерството.

Тимот на педагози и психолози кои го тестирале Кристијан , во писмото уште додаваат, дека детето чита и течно говори англиски јазик со перфектен акцент. Кристијан учествувал на математичкиот натпревар „Кенгур“, во категорија на ученици од второ и трето одделение и ги решил сите задачи.

„Множи на памет двоцифрени броеви. Треба да напоменеме дека во нашето училиште, во април, годинава, се реализираше обука на 40 наставници за работа со талентирани и надарени ученици. Реализатори беа еминентни професори од Македонската асоцијација за надарени и талентирани ученици,“ му напишаа тогаш психолозите, педагозите и директорката на училиштето на министерството за образование.

Сега Арсови сами ќе мораат да се справат со старо новиот проблем. Ќе мораат сами да му обезбедат на Кристијан институција во странство што ќе ги потврди стручните мислења на македонските експерти. Можеби ќе пронајдат Институт заинтересиран на детето да му обезбеди развивање на интелектуалните капацитети за да не се случи да запре на веќе постигнатото ниво. /У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.