Бегалец од затворот во Штип се обиде да ограби менувачница во Велес
Објавено: 7 септември, 2015, во 19:46 часот
Разбојникот вечерва, околу 19 часот, влегол внатре во менувачницата со вперена автоматска пушка и уште од влезната врата му викнал на продавачот „Давај ги парите!„. Среќа што продавачот не се исплашил и наместо да постапи по наредбата на заканувачот тој му се нафрлил и почнале да се борат. Иако автоматската пушка испукала два куршуми кои завршиле во ѕидовите на објектот посилен излегол продавачот бидејќи успеал да го истурка разбојникот низ влезната врата и да му ја оттурне пушката од раце. Тогаш пушката испукала по втор пат и куршумите завршиле во паркиран автомобил на спротивната страна на улицата кај Трговскиот центар во Нова населба и во ѕидче пред менувачницата .

„ Во борбата на разбојникот му паднале ранецот и автоматската пушка. Тој се дал во бегство. Граѓани кои биле случајно пред менувачницата веднаш почнале да го бркаат разбојникот и по кратко време го фатиле и го совладале. Во близина имало и полциски службеници, кои не биле на должност, кои исто така помогнале при фаќање на сторителот. Тој е фатен, приведен во полициска станица каде е започната постапка на расветлување на настанот, “рече портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска.
Според првичните информации станува збор за познат разбојник кој во моментов издржува затворска казна за исто кривично дело сторено пред една деценија во Скопје. Тој успеал да избега од Затворот во Штип и бил баран од полицијата.

Пукотниците во новиот дел на Велес, вечерва, ги вознемирија граѓаните од овој дел на градот. Таму на балконите беа излезени скоро сите станари во соседните згради на трговскиот центар. Дел од нив неуспешната разбојничка драма ги затекнала на улица. Имаше и сведоци на пукањето и бркотницата на балконот на првиот кат на Трговскиот центар и во продавниците и на тротоарите од спротивната страна на улицата „Ленинова“.

Жените беа вознемирени додека мажите изворно ја прераскажуваа случката што се одиграла пред нивни очи. Таму беше и велешанецот кој успеа да го фати и совлада разбојникот. Тој не сакаше да даде официјална изјава. Сите кои вечерва беа на местото на обидот за вооружен грабеж, втор за два дена во Велес, го следеа завршувањето на увидот на крим техника и разговараа за разбојникот што го виделе велејќи дека го познаваат бидејќи е од велешо село.

Полицијата се сомнева дека станува збор за истиот разбојник кој ја ограби бензиската пумпа „Башино петрол“ кога одзеде 40 илјади денари./У.Ј


