Италијанската Влада ќе ја помогне Македонија за справување со мигрантите
Објавено: 9 септември, 2015, во 14:42 часот
Италијанската влада ќе и додели 90.000 евра на Македонија за справување со приливот на бегалци од Блискиот исток, јави Радио Канал 77.
„Вонредната состојба предизвикана од прилив на бегалци од Блискиот исток на пат кон северна Европа претставува нов предизвик за Европа и европските земји со кој заеднички треба да се справат земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати од Западен Балкан,“ наведува во своето соопштение италијанската амбасада во Скопје.
Владата на Италија одлучи да и’ додели на Македонија дополнителна мултилатерална помош во износ од 90.000 евра за финансирање на активностите на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина на Република Македонија.
Според Амбасадата, бројот на мигранти кои го користат т.н. Балкански пат постепено се зголемувал особено во последните неколку недели и оти тоа претставува голем напор за Македонија.
„Италијанската помош има за цел да ги поддржи активностите од примарна заштита на македонскиот Црвен крст и Црвена полумесечина за да им се помогне на најранливите групи мигранти (жени и деца), како и обезбедување основни средства и основна медицинска грижа,“ се вели во соопштението.
Извор: Радио Канал 77
