ВМРО ДПМНЕ со демант за обвинивањата на опозицијата за состојбата во културата во Велес
Објавено: 14 септември, 2015, во 09:59 часот
Со обвинувањата за состојбата во културата во Велес, опозицијата го повреди достоинството на културните работници и воопшто на велешани, затоа треба да се извини пред целата јавност. Вака денеска реагираа од партијата на власт. Според ВМРО ДПМНЕ крајно неодговорно е да се понижува кога Велес годинава е град на културата и се одржуваат бројни културно- уметнички настани.
„Никогаш толку богата, разновидна и квалитетна културна програма нема видено нашиот град претходно. Тоа се факти кои стојат наспроти празните тврдења на СДСМ. Покрај големиот број настани, исто така, Велес не памети период во кој биле видени толку многу инвестиции во културата“, рече Петре Саздов, ОК на ВМРО ДПМНЕ.
Во денешната реакција на ВМРО ДПМНЕ , Саздов наброја неколку инвестиции во културата на градот како што се пуштањето во употреба на новиот велешки театар, санацијата на кровната конструкција на Спомен костурницата , реконструкцијата на источната половина од гледалиштето на театарот во локалитетот Стоби.
„ Изведени се реконструктивни зафати во библиотеката Гоце Делчев , а беа инвестирани и близу еден милион денари во реконструкција на Народниот музеј. Наскоро со поддршка од Министерството за култура ќе почне и реконструкцијата и обнова на фасадите на пет објекти од старото велешко градско јадро кај местото Врналиите. “, рече Саздов.
На обвинувањата на СДСМ денеска со демант реагираа сите повикани културни институции, тврдејќи дека тие се невистинити. Од ВМРО ДПМНЕ пак велат дека и во иднина ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните , преку дела во сите сегменти од општественото живеење./Д.С


