ЗНМ го осудува односот на претседателскиот кабинет кон Вест
Објавено: 18 септември, 2015, во 15:28 часот
Здружението на новинарите на Македонија го осудува непримерниот одговор на Кабинетот на Претседателот на Република Македоија кон дневниот весник „Вест“, поврзан со вчерашниот напис „Потписот на Ѓоле вреди 6.000 евра“.
Во реакцијата на ЗНМ се вели дека наместо како што доликува на една институција што треба да биде прва во државата, како пример за транспарентност и отчетност кон јавноста, и да одговори на прашањето од весникот колку чини летот со владиниот авион на релација Скопје – Подгорица – Скопје, Кабинетот на претседателот грубо го напаѓа Главниот и одговорен уредник на „Вест“ со изнесување на невистини со цел да го дискредитира него и весникот пред јавноста.
„За ЗНМ ваквото однесување претставува притисок врз медиумите и уредувачката независност на „Вест“. За жал станува пракса на Кабинетот на Шефот на државата г.Ѓорѓе Иванов дрско да комуницира со медиумите. Го потсетуваме Кабинетот на Претседателот дека тие се финансираат со јавни пари и имаат обврска да објаснат пред јавноста на кој начин ги трошат,“ пишува во реакцијата на ЗНМ.
