Претстојниот викенд есенски панаѓур во Кавадарци
Објавено: 5 октомври, 2015, во 10:33 часот
И годинава голем е интересот за стопанската манифестација „есенски панаѓур“ во Кавадарци. Организаторот најави дека претстојниот викенд, 9, 10 и 11 октомври е резервиран за панаѓурот. Штандовите на излагачите на панаѓурот повторно ќе бидат сместени на булеварот „Никола Минчев“ поранешен „Едвард Кардењ“ на потегот од кружниот тек кај новата автобуска станица, до спојот со регионалниот пат „Северен Булевар“-обиколница.
Над триста трговци ќе излагаат најарзлична стока. Најчесто панаѓурот изобилува со тезги на кои се продаваат текстилни производи, обувки. Многу кавадарчани ја користат можноста да набават нов казан за варење на ракија и други предмети потребни за домаќинството.
Пред неколку години на реакција на кавадаречките трговци, а поради намалениот промет во продавниците, тогашната Локална Самоуправа го укина пролетниот панаѓур и остана само есенскиот.
Локалната самоуправа и годинава оди со ниски прифатливи цени за просторот на кој се излага или продава стоката, таа важи за три дена, а пресметани се и трошоците за електрична енергија. Предвидено е поставување на санитарен јазол и вода за корисниците, со цел да бидат поштедени околните подруми на зградите и другите објкекти кои и покрај желбата на организаторот, секоја година страдаат од несовесните или помалку внимателните панаѓурци.
Од локалната самоуправа апелираат до жителите на булеварот „Никола Минчев“ најдоцна до четврток до 12:00 часот да ги отстранат своите автомобили од улиците како би го ослободиле просторот за поставување на тезгите на излагачите на есенскиот Панаѓур 2015.
Булеварот „Никола Минчев“ („Едвард Кардељ“) како и булеварот „Македонија“ од спојот со ул. „Орце Николов“до булеварот „Цветан Димов“ ќе бидат целосно затворени за сообраќај, во деновите на одржувањето на есенскиот панаѓур./A.Д


