Јове Гајдов – Чича, првиот бербер и познат мајтабџија во Велес

Објавено: 18 октомври, 2015, во 12:40 часот

Oд спротивната страна на „Ан Брегалница“, на левата страна во Велес, пред точно сто дваесет и девет години, била отворена првата берберница во градот. Ја отворил Јове Гајдов-Чиче за кого велешани велат дека бил првиот градски бербер. Во родниот град, во кој граѓаните се по познати по прекарите во споредба со имињата, Јове сите го викале Чича. Тој бил добар мајстор и перфектен мајтабџија. Токму затоа секојдневно дуќанот на бербер Чича бил полн со муштериите и со луѓе еснафи од  велешката чаршија. А мајсторот бербер освен за бричот, четката и сапунот бил и вешт трговец на гасија, од под тезга што би рекле велешани.

Течноста која смрди, во тоа време, во 1884 година тешко можела да се најде слободно да се купи. Без неа, ноќе, не светеле гасиените ламби и во мрак останувале домовите на граѓаните. Како и од кого мајстор Јове ја набавувал гасијата никој не дознал а сепак сите велешани знаеле од каде можат да ја купат. Берберот добро бричел и тргувал со гасија се до 1904 година кога  го открил еден Турчин. Тој го фатил Чича додека продавал гасија и му се заканил дека ќе го пријави кај заптиите. Тогаш Чича, за да не оди во затвор, како и многу пати дотогаш, нашол решение.

Истата вечер, еден од другарите го качил Чича во пајтон и го однел до железничката станица во Градско од каде се качил на воз и заминал за Солун. Потоа го фатил бродот и заминал за Америка. Но, таму не успеал веднаш да најде работа. Не го знаел и јазикот. Неколку зимски денови ги поминал во размислување што да направи за да почне да заработува. Снежните врнежи го инспирирале и Јове Чича се сетил како може да заработи долари. Наредното утро отишол во првата  банка и отворил лична сметка за потоа да почне да ги чисти патеките до куќите на богатите граѓани. По секое чистење на вратата на сопствениците им ја оставал личната банкарска сметка. И не поминало многу време кога сметката на Чича почнала да се полни со долари. Така било се до пролетта 1905 година за потоа да премине на друго работно место, па на друго но ниту едно од нив не било во берберски дуќан. Вака велешанецот Борис Гајдов, деновиве,  започна да го раскажува животниот пат на својот дедо Јове Чича. Осумдесет и две годишниот старец, има одлична меморија во која освен спомените за дедо му длабоко се врежани и сеќавањата за бројни настани и случки во градот.

„ Најсреќен ден во живот на дедо ми Јове бил денот кога разбрал дека Турците почнале да ја напуштаат Македонија и да си одат во Турција. Тој тогаш, во 1912 година, не чекал ниту ден повеќе. Веднаш обезбедил карта за брод и по неколку месеци тргнал на пат за дома,“ рече Борис Гајдов.

По кратко време Чича повторно го отварил  берберскиот дуќан во Велес и имал полни раце работа. Се оженил со Сава.  Од Америка донел три колана златници за кои само тој знаел како успеал да ги пренесе до дома. Една вечер ги собрал најблиските и на масата ги истурил златниците. Сите биле  вчудоневидени од големото богатство. Мајстор Јово откако на сите им дал по некој златник повторно продолжил да го работи берберскиот занает.

„ Деновите на дедо ми почнувале во ресторанот „Загреб“. Таму секое утро го пиел првото кафе. Газдата на ресторанот им наредил на келнерите да го чекаат и служат Јове Чича како почесен гостин, стален муштерија. А тој уживал додека го пиел утринското кафе и ја палел цигарата. Арно ама едно утро, келнерот Славе наместо шеќер во кафето му ставил сол. Дедо ми не рекол ништо. Станал, го изгасил цигарот во кафето и си заминал кон берберницата. Никогаш потоа не се вратил во ресторантот. Газдата веднаш забележал и го избркал келнерот од работа“, рече Борис.

Во тоа време се сменила власта во Македонија. Си заминале Турците ама дошле  Србите. Тие ја затворле Сава, жената на Чича, со образложение дека се огрешила пред законот,  како член на ВМРО поради соработка со Бугарија. Мајстор Јове не ни знаел дека Сава ги помага комитите, членови  на партијата, со тоа што ги преоблекувала во були и со пајтон ги прнесувала дури до Кочани. Одтаму нив ги преземале други луѓе и ги носеле во Бугарија на подготовки за извршување на важни партиски задачи. Кога  оваа работа на Сава дошла до ушите на српските  џандари неа веднаш  ја затвориле. Еден месец потоа џандарите  го затвориле и мајстор Јово со обвинение дека морал да знае што работела неговата жена. Чича никако не можел да го разубеди полицискиот началник  дека тој навистина ништо не знаел за ангажманот на неговата жена. Тие останале во затвор се до смртта на мајката на Сава кога им текнало дека ако политичката одговорност ја префрлат на починатата жена тогаш можеби и ќе успеат да излезат надвор од затворската зандана. Чудно но вистинито,бидејќи српските власти поверувале во приказната и ги ослободиле Сава и Јове.

„Дедо ми сам се вратил дома во куќата на „Маалска“. Повеќе не сакал неговата жена Сава да живее со него. Се чувствувал измамен бидејќи баба не му кажала за тоа кого и како помагала пред да бидат уапсени и затворени.  За да не пукне срам низ Велес синовите и најблиските го убедиле Чича да и дозволи на Сава да си дојде дома. Но тој до крајот на животот не зборувал со Сава,“ рече Борис.

И покрај проблемите што ги имал никогаш не престанувале мајтапите на Јове Чича. Тој на велешани им е познат по генијалната изрека дека муштеријата може да почека ама мртовец не може. Оваа случка, што се случила во неговата берберница додека поворките со упокоените сограѓани минеа пешки низ градските улици, се раскажува до денеска во Велес. Чича остана запаметен по тоа што со еден бричен образ го остави муштеријата на берберскиот стол за да оддаде почит на упокоениот граѓанин. Тогаш Јово му рекол на муштеријата:

„Слушај ти можеш да почекаш, ама мртовецот не може да чека. Поседи малку да го испратиме па ќе те добричам“. Потоа го заклучил дуќанот и се приклучил на поворката. Откако покојникот бил закопан Јове се вратил и му ја избрикол другата половина од лицето на муштеријата на кого за тоа што чекал не му зел пари.

Исто така во тоа време упокоените граѓани, најмалку дванаесет часа, се чуваа во нивните домови за што особено ноќе се собираа роднини и пријатели, кои седеа се до утринските часови. Сите во Велес знаеле дека било кој да почине Јове навечер одел да го чува покојникот. Така тој кога починал другар му Петре, познат Којничанец, ноќта  после полноќ сторил мајтап со кој ги разбудил сите задремани во куќата. Кога Петрета останале будни да го чуваат само Јове со уште еден другар го извадиле од мртовечкиот сандак, го наместиле убаво  на стол и во раката му ставиле цигара. Потоа Јове гласно извикал „Пандоро мори вака ли си го чуваш домаќинот кои половина век  те гледаше!“ Жената кога сето тоа го видела се избезумила и се онесвестила па другите присутни ја освестувале. Но никој не му се налутил на Чича за мајтапот.

Мајстор Јове Гајдов за цело време се до неговата смрт работи во својот дуќан како бербер. Тој во 1943 година, време на втора светска војна, заминал за Софија каде  требало да биде опериран во болница. Мајстор Јове загинал за време на бомбардирањето на Софија од  сојузничките авиони, англиски и американски.  Закопан е некаде на  софиските гробишта но, никој не знае точно каде.

Стоилко Андреевски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.