Керамичката индустрија „Киро Ќучук“ конечно продадена
Објавено: 19 октомври, 2015, во 12:19 часот
Велешката керамичка индустрија „Ќиро Ќучук“ конечно се продаде. Нов сопственик е македонско-турската компанија Еуро Брик, со седиште во Скопје која фабриката ја купи за 68 милиони денари, без ДДВ, или за еден милион и сто илјади евра, колку што пунуди на втората електронска аукција. Таа веќе уплати 10 проценти од вкупната проценета вредност на фабриката која изнесува над 226 милиони денари. Компанијата се занимава со производство на тули, керамиди и други глинени производи за градежништво.
Ваква одлука донесоа 93,6 проценти од доверителите со право на глас на денешната седница што се одржа во Основниот суд во Велес. Тие сметаа дека понудата е поволна бидејќи според законот ова е последна продажба. Ако и овој пат не успееше, тогаш имотот на Киро Ќучук ќе се распределуваше на сите 380 доверители според процентот на нивните побарувања.

„Досега беа распишани четири огласи за продажба и сите беа неуспешни. Сметаме дека последнава понуда е поволна. Понатаму следи понатамошна постапка на донесување на соодветни решенија, уплата на парите од страна на фирмата купувач. Се надеваме на рестартирање на фабриката што ќе биде позитивно за градот и за државата“, рече стечајниот управник Ацо Петров.
Покрај производствените погони на компанијата, доверителите донесоа одлука за продажба и на продавница која се наоѓа на горниот дел од градското пазариште и административна зграда на улицата Благој Ѓорев од спротивната страна на касарната, кои се дел од имотот на „Киро Ќучук“. На електронската аукција за продавницата најповолна понуда имаше Стеван Мишев од Велес . Тој стана сосптсвеник за сума од 380 илјади денари или за над пет илјади евра. За 4,5 милиони денари, сопственик на административната зграда стана велешката фирма „Бранс“.
Доколку во законски предвидениот рок од 15 дена, новите сопственици не ги доплатат средствата на стечајната жиро сметка, се поништува продажбата, а на понудувачите им пропаѓа уплатениот депозит.
Од уплатените средства, според стечајниот управник Петров, најпрво ќе бидат исплатени трошоците и обврските како и платите на затечените педесетина работници во момнетот на отворање на стечајната постапка на керамичката индустрија. По нив ќе се исплаќаат обврските кон доверителите./Д.С
