Граѓаните можат бесплатно да проверат каква храна и вода консумираат во Центарот за јавно здравје во Велес

Објавено: 19 октомври, 2015, во 13:59 часот

Граѓаните кои ќе се посомневаат во квалитетот и безбедноста на водата и храната што ја консумираат можат да однесат примероци во Центарот за јавно здравје во Велес и да ја испитаат. Од неодамна лабораториите за санитарна микробиологија и за санитарна хемија на центарот се акредитирани за 29 различни методи на испитување на храната и водата. Испитувањето е бесплатно и е на товар на Министерството за здравство.

„Граѓаните имаат право да укажат и да донесат примерок на спакувана храна. Не смее да се дозволи да биде манипулирана храната оти за да се одреди квалитетот и исправноста мора да биде оригинално пакување какво што е најдено на пазарот. Ако е по барање за општа безбедност на населението , тоа е на терет на министерството за здравство, значи е бесплатно“, рече директорката на Центарот за јавно здравје Флорентина Ристоска Шурбевска.

За изминативе десет месеци во лабораториите на велешкиот центар за јавно здравје испитани се 4.175 примероци на вода и 1.340 примероци на храна. Според директорката анализите покажале неправилности и затоа апелираат производителите на храна и потрошувачите самоиницијативно да бараат да се испитува квалитетот и безбедноста на храната и водата. Истовремено апелираат и поголема контрола од страна на Агенцијата за храна, која како што велат досега не им донела ниту еден примерок за испитување.

„Бараме поголема контрола на објектите бидејќи се уште имаме продавници , ресторани кафа барови кои се надвор од контрола и кои што се потенцијална опасност за избивање на заразни заболувања кои можат да опфатат поголема популација“, рече Шурбевска.

На новинарско прашање каква е состојбата со мерењето на јачината на звукот во Велес, Шурбевска одговори дека  апаратот за мерење не работи, но дека можат да ги искористат услугите на другите центри./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.