Започнаа конзерваторските истражувања во манастирската црква „Св.Димитрија“ во Велес
Објавено: 21 октомври, 2015, во 11:24 часот
Почна конзерваторското истражување на една од најстарите цркви во Велес, „Свети Димитрија“ која се наоѓа во манастирскиот комплекс. Стручни лица од Конзерваторскиот центар моментално работат на раслојување на фрескоживописот во припратата бидејќи по истражувањето дошле до сознанија дека под основниот слој малтер на ѕидовите на црквата се наоѓа фрескоживопис од крајот на 13 и 14 век. Откако ќе биде раслоен фрескоживописот ќе биде презентиран пред јавноста . Првата фаза од проектот е по иницијатива на велешкиот музеј и е финансиран од министерството за култура. Со конзерваторските работи треба да се заштитат пред се фреските од 19 век, изработени од Хаџи Косте Зограф.

„Се надеваме дека наредната година ќе се добијат средства за изведување на конзервацијата и со тоа да ја продолжиме заштитата на живописот прво од 14 век , а потоа и од 19 век, период кој исто така е значаен од работата на Хаџи Косте Зограф. Треба ѕидовите да се исчистат од наслагите на чад , бидејки во текот на годините фреските станаа непрепознатливи. Би сакале и фасадата на црквата да се раслои, слојот кој што е од вар и духовниот храм да си го добие својот автентичен изглед ремек дело на средниот век“, рече директорката на музејот Елица Николова.

Од програмата за култура, за проекти на музејот, општината издвоила 100 илјади денари. Досега од нив 70 илјади денари се префрлени директно за конзерваторскиот проект на црквата „Свети Димитрија“. Во зависност од потребите ќе биде ставена на располагање и останата сума на пари.
„Општина Велес и за следната година ќе издвои извесна сума на пари да го помогнеме завршувањето на овој проект во црквата која е од исклучителна важност за самиот град, бидејќи е значаен дел од нашата историја. Од друга страна ќе се обидеме верскиот и историскиот туризам да стане значајна стапка во локалниот економски развој“, рече Чадиев.

Иницијаторите на проектот се надеваат дека министертсвото за култура, локалната самоуправа и епархијата финансиски ќе ја помогнат и следната фаза, конзервација и реставрација на фреските. Велат не се откажуваат се додека верскиот објект целосно не го добие својот автентичен изглед./Д.С


