Дела создадени на ликовната Колонија „Дрен“ изложени во Ликовен салон во Велес

Објавено: 22 октомври, 2015, во 06:16 часот

Делата на дванаесет ликовни уметници од Србија,Русија, Бугарија и Македонија, сите годинешни учесници на ликовната колонија “Дрен“ кај Прилеп, се изложени во Ликовниот салон во Велес. Станува збор за слики изработени во сликарска техника масло на платно, на акрил и фотографии. Поради габаритноста, на изложбата во Велес, не се донесени две уметнички инсталации кои се авторски дела на двајца скулптори. Тие се преставени на фотографии.

За прв пат се презентира творештвото на уметниците на Kолонијата која традиционално, веќе осма година, се организира од страна на Центарот за култура „Марко Цепенков“, во манастирот „Свети Илија“ во прилепското село Дрен, рече на синоќешното свечено отворање директорот на прилепскиот културен центар Тони Чафлевски.

„Ликовната колонија Дрен веќе се афирмира како значаен ликовен настан и може да се каже дека е една од подобрите колонии во државата. На неа учествувале голем број на значани уметници од Македонија и надвор од неа. Досега  учество земале уметници од Србија, Бугарија, Словенија, Русија, Полска, Турција и други земји. Вгодина ќе започнеме со нова концепција. Сакаме да го промовираме постмодерното ликовно изразување или создавање на повеќе инсталации и на тој начин да бидеме колонија што единствено се организира дома и во странство со таков уметнички израз, “ рече м-р Чафлевски.

Колонијата е седумдневна и традиционално се одржува во средината на месец јули. Во осумте изминати години учесниците создале околу 300 уметнички дела, претежно масло на платно и на акрилно платно. Нив, освен прилепчани, имале можност да ги видат граѓани од повеќе градови во државата. Годинава, за прв пат, творештвото на учесниците на колонијата се излага пред велешани.

„Дел од творештвото го создадоа уметници кои за прв пат излагаат во Велес. Секој од нив на свој начин ја прикажал природата околу манастирот Свети Илија, кај селото Дрен или некои манифестации на случувања кои допреле до неговата потсвест. Секој од нив се потрудил да го пренесе моменталното чувство, не она што е секогаш видливо, не она што е за секого разбирливо па секој од нас кога ги гледа сликите си добива свои впечатоци за амбиентот во кој тие престојувале. На дел од сликите пределите се експресивно преставени, не баш во реалистична форма додека дел од уметниците насликале автопортрети. Има и апстрактивни дела, “ рече директорката на Народен музеј на Велес, Елица Николова.

Годинава после Прилеп велешани ја имаат можноста први да го погледнат творештвото што уметниците го создадоа на осмата ликовна Колонија „Дрен“.  Сликите и фотографиите ќе бидат изложени и во останатите градови во државата./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.