Поетот Љупчо Михајловски од Велес признат во светот, но не и дома

Објавено: 26 октомври, 2015, во 12:58 часот

Делови од збирката поезија научна фантастика „Осамен летач“ од авторот Љупчо Михајловски ќе се преведуваат и на бенгали јазик. Стиховите на Михајловски од Велес, ќе се читаат во Калкута, Индија. Истовремено неговото име ќе биде дел и од книгата „50 меѓународни поети“ што ќе се издава во Индија. Според Михајловски, преводот на дел од неговата книга, претставува промоција на македонската култура во светот. Досега книгата, која е дел од трилогијата „Ѕвездена прашина“ е преведена на уште неколку свестки јазици.

„Ова што моментално се случува во Индија всушност го потврдува патот кој подолго време го одам низ светот. Збирката „Осамен летач“ во Македонија е објавена во 1998 година. Две години по нејзиното објавување во 2001 година во Австралија доби „Златен гулаб на мирот“, меѓународно поетско признание кое што се доделува на поетска манифестација во Мелбурн, Австралија. Манифестацијата не е организирана од наши македонци туку тоа е нивна манифестација која се организира на државно ниво. И конкуренцијата е многу јака“, рече Михајловски.

Она што за светот е прифатливо и вредно за читање, тука во Македонија не поминува, реагира Михајловски. Според него , на овие простори научната фантастика како поезија, иако е ретка во светот , се смета за забегана тема или тема за деца. Тој тврди дека и покрај досегашната опструкција од страна на локалните власти Центарот за научна фантастика „Визија“, ќе продолжи да го пробива патот до љубителите на овој вид на уметност.

„Просторот го чекавме долго време и чекањето ни одзеде драгоцено време. Сега кога го добивме видовме дека тој простор не е простор бидејќи галапчарниците во Велес се поголеми. Тоа се само 6 квадратни метри иако во записникот стои 18 квадратни метри. Тоа не личи на простор, целиот материјал што ни го земаа минатата година со трактори требаше да се среди, да се направи, и кога ќе дојде некој да види центар што наликува на центар кој постои 30 години а не некоја организација формирана пред три месеци и ставена во ќош. Ама тоа е политиката на локланата власт, дека инвентивност и развиени мозоци во Македонија не им требаат, исто како и луѓе кои што се докажани во светот“, рече Михајловски.

Годинава Центарот за научна фантастика „Визија“ слави триесет години од своето постоење. Јубилејот ќе го одбележат под мотото „30 години на улица“, токму затоа планираат наместо во Велес , годишнината да ја одбележат во некој друг град во државата./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.