Сопственици на гаражи во комплекс „Чешел“ седум месеци бараат спроведување на извршно решение за нарушено владение на приватен имот

Објавено: 29 октомври, 2015, во 16:17 часот

Сопствениците на гаражите под комплексот  Чешел, во центарот на Велес, бараат од Румен Смилев газда на ресторан  да го заѕида ѕидот за кој тврдат дека бесправно го урнал во подрумскиот дел на угостителскиот објект што се граничи со нивните гаражи.  Граѓаните кои таму секојднево ги паркираат возилата велат дека уште од 5 јануари годинава, кога на крајниот, носечки ѕид се појавила првата бесправно избушена дупка, ја започнале правната битка со институциите и до денес  не успеале во намерата. Сега таму на крајниот , носечки ѕид има голема врата. Тоа ги револтира овие граѓани кои покажаа документи според кои гаражите, заедно со ходниците, ги купиле пред 25 години кога чинеле колку третина од ново изграден стан во Велес. Дел од нив живеат  во Чешелот  а дел и во кулата над стоковната или во околните куќи. Сите јавно бараат да им се врати во владение нарушениот приватен имот. „Имав најдобра намера за сите нив, им дадов понуда и ништо не сум узурпирал бидејќи ходниците не се приватен имот туку се наоѓаат на државна земја, “ вели прозваниот Смилев.

Неговото мислење не го дели осумдесетгодишниот Тодор Атанасовски кој вели дека му било отежнато влегувањето во гаража бидејќи таа е веднаш до новоотворената врата на спорниот ѕид.

„Ние ги купивме гаражите за цена од тогашни 5 милиони динари. Да биде подобро разбрано со тие пари можеше да се купи еден нов автомобил марка Застава 101. Кога станавме сопственици сами си поставивме струја, ги преградувавме, ставивме врати како и влезна врата на овој цел комплекс од гаражи.Тие се впишани во нашите имотни листови како и просторот од ходниците. Мене ми смета уривањето на ѕидот. Јас не ќе можам со колата да си влезам во гаражата, не ќе можам да извадам или растоварам, поточно да товарам ништо во неа,“ рече Атанасовски.

Атанасовски го поддржа група сопственици на гаражи присутни на средба пред влезот во комплексот. Тие раскажаа дека прво разговарале со Смилев и откако не го разубедиле во намерата на 5 јануари, годинава, пријавиле во полиција и кај градежната инспекција во општината нарушено владение на приватен имот.

„Во Катастар овој градежен објект се води како комплекс гаражи Чешел. Во нашите имотни листови се водат овие гаражи и никој нема право низ нашиот простор да влегува, да ни урива ѕидови и да ни узурпира простор. Затоа ние првата узурпација кога на ѕидот имаше мала дупка ја пријавивме во полиција од каде испраќаа полицајци ама ништо не се случи, не запреа градежните работи. Потоа пријавивме во градежната инспекција во Велес и кога тие не излегоа следеше пријава  до министерството за транспорт и врски поточно до државниот инспектор за градежништво како и до државниот управен инспекторат на министерството за информатичко општество и администрација. Дури потоа градежниот инспектор во Велес донесе решение за враќање на ѕидот во првобитна состојба.  Тоа решение е од 23 јануари, годинава но до денеска не е спроведено. Од тогаш до денеска реагиравме неколку пати до сите надлежни државни институции но никој не ни одговори зошто не се спроведува донесеното решение кое е извршно,“ рече Зоран Димов.

„Со Смилев  прв пат имавме состанок на Бадник кога го информиравме дека поднесовме барање до градежната инспекција на општината со кое баравме да се врати ѕидот во првобитна состојба. Тој ни понуди да ни постави ново осветлување, влезна врата со картичка но ние не прифативме. Ние бараме узурпираниот простор да ни се врати во владение,“ рече Митко Стровјанов.

Додека ја воделе правната постапка овие граѓани велат дека градежните работи во гаражите продолжиле а тие и Смилев имале уште неколку средби. Но, дупката на ѕидот се ширела и станала врата а сопствениците се соочиле и со опасност.

„Ќе загиневме од искинат електричен кабел кој беше оставен така да виси кога една вечер, изминатава пролет, случајно дојдов со син ми во гаражата. Тука постојано влегуваат  работници и си работат, без наша согласност. Тие без да знам ,ги искинале каблите за струја, и во ходникот  беше темно.Кога излеговме од автомобилот за да ја отвориме вратата на гаражата налетавме на еден неизолиран кабел. Се јавив во полиција а тие звонеле во ЕВН од каде повратно ми се јавија за да ми соопштат дека добро сум сторил бидејќи кабелот бил под висок напон. Имавме среќа а можевме да загинеме,“ рече Сашко Ванов.

Зошто седум месеци не се спроведува решението  ИП.1-17-7 на градежниот инспектор на општина Велес со кое треба да се заѕида урнатиот ѕид и да се врати комплексот во првобитна состојба, прашаа сопствениците на гаражите под комплексот Чешел, на последната нивна средба.

Сопственикот на угостителскиот објект, Румен Смилев пак вели дека имал најдобра намера кога на првиот состанок со сопствениците на гаражите им предложил, за потребите од  паркинг места,  да ги користи и тој, влезот и ходникот од комлексот гаражи „Чешел“. Единствено решение за проблемот со паркирање на возилата пред ресторанот  било да го преадаптира подрумскиот дел, под ресторанот, во паркинг  за потребите на гостите како и за дотур на стока.

„Навреден сум од тоа што овие мои сограѓани изјавиле дека бесправно сум урнал ѕид и сум влегол во туѓ имот. Јас од 2013 година сум сопственик на угостителскиот објект Сина сала на поранешен Жито Вардар. Под ресторанот постоеше простор изграден за дискотека. Тогаш испланирав дека во 2015 година ќе инвестирам и ќе го преадаптирам просторот во гаражи. Со оглед на тоа каква е состојбата со паркинг просторот во ценарот на градот мислам дека многу паметно е да го преадаптирам просторот во гаражи за потребите на ресторанот. Сакам да кажам дека таму во тој комплекс  на гаражи влез и гаража имал и поранешен Жито Вардар. Значи јас не сум влегол во гаражите на граѓаните туку сум направил влез  во ходникот кој се наоѓа на државна земја. Бидејќи таму порано постоел влез за дискотеката кој бил затворен откако проверивме во Катастар дека земјата е на Република Македонија сега тој влез повторно го отворивме,“ рече Смилев.

Тој додаде дека е изненаден од реакции на дел од сопствениците на гаражите затоа што им  предложил да ги подобри условите за гаражирање на нивните возила со тоа што наместо железната влезна врата би се поставила автоматска, регулирана со картичка, би се поставил  терминал потоа ново автоматско осветлување на влезот и низ ходниците, безбедносни камери и решение за одводот на самиот влез во комплексот гаражи.

„ Можеби згрешив што за мојата добра намера разговарав со неколкумина наместо со сите сопственици на гаражи. Незнам дали на сите точно им е пренесена мојата понуда за која тврдам дека беше најдобро намерна за сите нив, “ додаде Смилев.

Тој не е убеден дека сите сопственици на гаражи учествуваат во заговорот против него како и дека дел од нив треба да го кажат својот став зошто воопшто не се симнуваат во гаражите./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.