Коруновски: „Размислуваме со изложба колонијата Папрадишки мајстори да ја промовираме надвор од Велес и од државата“

Објавено: 13 ноември, 2015, во 14:13 часот

Над 250 уметнички дела се создадоа во изминатите 11 години, од почетокот на ликовно копаничарската колонија „Папрадишки мајстори“ во Велес.  Скулптури, копаници и уметнички слики, чии автори се врвни уметници од Македонија и други Европски земји, се дел од богатата ризница на колонијата. Авторите, секоја година, штом ги создадат делата ги отстапуваат на организаторот на колонијата поточно на општина Велес. Уметниците кои се одговорни за организацијата на колонијата велат дека се повеќе од задоволни од уметничката колекција што  од година во година ја создаваат се поголем број на учесници на колонијата. Нивниот број расне како и бројот на уметнички дела, вели академскиот скулптор Ангел Коруновски. Го прашавме дали размислуваат да направат трајна постановка и да ја отворат за јавноста со тоа што секоја наредна година ќе биде дополнувана со нови и уникатни уметнички дела.

„ Имаме  многу квалитетни дела  со кои  се гордееме и секое уметничко дело е едукација само по себе.  Се согласувам дека треба да се направи една трајна постановка која секоја година  би се освежувала и би се променувала за да имаат можност граѓаните постојано да гледаат уметнички дела“, рече Коруновски.

Ја видовме изложбата на прилепската колонија „Дрен“ во Велес, размислувате ли низ изложба да ја претставите колонијата „Папрадишки мајстори“ пред прилепчани?

„ Мораме да го направиме тоа, во преговори сме, не е проблем за изложба во Прилеп затоа што сакаме и во Скопје да издејствуваме. Ќе има, но најверојатно ќе биде една збирна  изложба од изминатите десетина или дванаесет години, ако тоа се случи вгодина. Еве годинава ќе аплицираме  во Скопје, за една голема изложба за догодина, некаде во мај , со селектирани дела. Ќе се формира и комисија која ќе ги селектира делата и таа изложба ќе шета низ цела Македонија, а се надеваме ако се соберат средства  ќе се презентираме и надвор од границите на државата,“ рече Коруновски.

Имате убави уметнички дела и тие се скапи. Дали некогаш сте размислувале како организатори на оваа манифестација да бидете хумани и солидарни.  Наши сограѓани често се наоѓаат во безизлезна ситуација, особено за лекувањет на деца , дали можеби сте размислувале како уметници да дадете поддршка организирајќи аукција за некое дело.

“Градот треба да се гордее со колекцијата на уметнички дела што ја поседува.  Да поседуваш толку голем број на уметнички дела со висока вредност  е богатство за градот , а самото тоа ја оправдува манифестацијата .  Јас имам подарено повеќе дела, може да проверите на такви аукци и тоа не по едно туку сум подарувал по две, три дела. Нормално дека треба да се помага.  „Папрадишки мајстори“ е отворена организација , таа е здружение на граѓани од отворен тип и слободно може ако има некаква иницијатива или ако се организира хуманитарна акција , без проблем ќе донираме дела. Тие дела не се наши но,  ќе поднесеме барање од Здружението  и верувам дека градот ќе ни овозможи,“ рече Коруновски.

Велешани деновиве, во Ликовниот салон, на изложба имаа можност да ги погледнат делата што учесниците на колонијата „Папрадишки мајстори“ ги создадоа изминатово лето./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.