Во Велес, промоција на книгата „Јамболија што лае“ од Киро Донев
Објавено: 20 ноември, 2015, во 17:04 часот
„Киро Донев, низ содржината на книгата „Јамболија што лее“, има и идеја и соодветно решение.Како во анимирана сторија неговите јунаци секогаш си наоѓаат излез. Во заплетите изворедно се вклопуваат и епизодните ликови кои ја врзуваат целоста на приказната преку духовните сплетки од почеток до крајот , создавајќи ја како весела книга за сечиј вкус“, рече на денешната промоција на збирката раскази писателот Горјан Петрески.
Промоцијата се одржа во Ликовниот салон во Велес во рамки на поетската манифестација „ Детски Рацинови средби“ . Ја организираа Организациониот одбор на културната манифестација во соработка со Литературниот клуб „Кочо Рацин“ од Велес. Културниот настан го проследија љубители на пишаниот збор и ученици од основните училишта како и учесници на манифестацијата на поетите деца што се одржува во чест на најголемиот македонски поет, на сите времиња, Кочо Солев Рацин.

Промоцијата, на најновата книга на писателот Киро Донев, со изведби на клавир и на виолина настапија ученици од музичкото училиште „Стеван Гајдов“ од Велес. Тие изведоа дел од творештвото на домашни и странски музичари
Писателот Киро Донев, роден во струмичкото село Моноспитово, автор е на повеќе прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести и сликовници. Тој е добитник на неколку високи книжевни награди во државава. Некои од неговите дела се преведени на неколку странски јазици. /С.А.


