Тодор Јуртиев, мајсторот цревар и производител на хирушки конци

Објавено: 21 ноември, 2015, во 09:49 часот

Велешанецот Тодор Бојаџиев Јуртиев не бил само прв што прерaботувал црева од овци, кози, јагниња, јариња и други  животни  туку бил и мајстор, кој од  цревата  од јариња, правел тенки конци неопходни во медицината, посебно во  хирургијата. Неговиот прекар е Маџарот. Тој медицинските конци, почнал да ги продава дома а потоа за кратко време станале многу барани во болниците во Бугарија, Србија, Хрватска, Австрија , Чешка и други европски земји. Тодор во бизнисот имал ортак. Тоа бил којничанецот Ристо Здравев.

„ Конците од јарешки црева, биле многу ценети и многу барани во медицината. Дедо ми и неговиот ортак Ристо Здравев,биле вистински мајстори и секогаш навреме ги испорачувале потребните количества на  болниците ширум Европа. Двајцата ортаци правеле и црева за производство на  сувомесни производи кои исто така, поради добриот квалитет,  биле многу барани во повеќе европски земји“,  вели внукот на Маџарот,Тодор Јуртиев.

Во нивната кланица , која се наоѓала на брегот на Вардар,  во долниот дел на Велес, годишно се колеле по десетина па и повеќе илјади овци , јагниња, кози и јариња како и друг крупен добиток. Ортаците биле познати и по производство на тенки жици за виолина, за тениски рекети како и репроматеријали за производство на кашкавал, сирење  и други млечни производи

Синот на Тодор Јуртиев Маџарот, Андреја

Кога се зголемил обемот на работа двајцата ортаци, ги ангажирале нивните синови Андреја и Љубе а подоцна и повеќе чираци и калфи, меѓу кои најпознат бил и велешанецот Киро Бабулето. Кога побарувачката се зголемила  мајсторите почнале со откуп на јариња и овци од други општини освен од велешкиот регион, од каде годишно откупувале по 15.000 овци. Месото го давале на месарите додека Тодор и Ристо ги преработувале цревата.

Тодор бил почитуван од велешани. Го познавале сите во Велес, Кавадарци, Неготино и во многу други градови во тогашна Вардарска бановина, а и во повеќе европски земји.

„Оставам за мене луѓето добро  да зборуваат. Најголемо богатство е да бидеш чесен човек и да им помагаш на сиромашните. Тој така велеше. Знаел да седне во кафеани и да испие добра голтка ракија или вино, да запее и од радост да скрши по некоја чаша. За тоа српските џандари не еднаш го приведувале. Беше голем другар и многу добар човек. Знаеше убаво да зборува турски и српски, а разбираше чешки и германски. Дедо ми беше и за мене остана голем човек“, вели внукот кој го носи неговото име.

Семејната куќа на Јуртиеви на Којник

Дедо му Тодор бил роден во месноста Бузаана, во 1895 година. Татко му бил бојаџија. На сеумнаесетгодишна возраст Тодор како војник заминал во Балканската војна.  Станал познат во војската со совети наместо да се борат за туѓи интереси тоа да го прават за својата татковина . „Ние сме Македонци, а не Бугари, Срби и Грци. Не треба да ја пролеваме  нашата крв за туѓи интереси. Зошто да се бориме кога тие не не признаваат“, им велел  Тодор на македонските војници. Овој негов револт го однел во затвор. По неколку години војување тој се вратил во Велес. Но не останал долго дома бидејќи  учествувал и во Првата светска војна која завршила и Македонија влегла во ново ропство, србско, и со преименување во Вардарска бановина. Тогаш Тодор се запознал со војник , со маџарско потекло,  кој бил голем мајстор за изработка на сувомесни производи. Тие заживеале како да се браќа.

Тодор се  вклучил и во напредното народно движење. Како голем родољуб бил на конгресот на комунистите во Виена. На пат за дома, на железничката станица во Неготино, го уапсиле српските џандари и го однеле во затвор во Скопје. Пресудата била да биде ликвидиран но, го спасил еден делегат, Евреин и голем мајстор за сувомесни производи. По враќање од затвор бил протеран од Кавадарци каде што  по втор пат отворил дуќан.

Се вратил во родниот Велес и во 1920 година се оженил со велешанката Родна Чупчева, која ја земал со голема љубов. Тие формирале семејство во нивниот дом на Којник, кој бил од спротивната страна на куќата на неговиот ортак Ристо, познат како „куќата на Маџарица“. Тогаш семејството Јурукови биле  единствениите кој имале  радио па затоа постојано биле домаќини на Којничани кои доаѓале да ги слушнат најновите вести или пак да уживаат во песните што се емитувале.

Семејната куќа на Јуртиеви, на Којник

Во 1953 година, Тодор ја купил куќата во Дворови во која што и денес живеат неговите внуци и правнуци. Тој починал во 1964 година.  Цреварскиот занает го продолжиле неговиот син Андреа и синот на неговиот ортак Ристо, Љубе Здравев кој и денес е познат по прекарот „цреварот“. Покрај синот Андреа, Тодор Јуруков Бојаџиев – Маџарот имал и четири ќерки. Најпозната помеѓу,  Пала Зарезанкова , Ристана и Цветанка, е Таска Балабамова.

„ Со цреварскиот занает покрај дедо ми се занимавале и неговите двајца браќа  Ѓорѓи и Ганчо. Првиот работел во Штип и во Битола, а вториот во Велес.  Во куќата на Којник дедо ми штом го вклучел радиото  и  се слушнела песна, којничани се собирале и играле ора во дворот. За време на народната револуција во нашата куќа чести гости биле врвни раководители на партизанското движење бидејќи знаеле дека  дедо ми е борец за самостојна Македонија“,  продолжи да раскажува внук Тодор.

Инаку, Тодор цреварскиот занает го научил кај неговите вујковци Тренчови, познати касапи во Велес. Семејството на Тодор го сочинувале шест браќа и една сестра. Од нив тројца биле цревари, двајца бојаџии, а еден бил слаткар. Нивната цреварска работилница се наоѓала во долниот дел на Велес.

Слика од цреварската работилница во Велес, на Тодор и Ристо

Тој во 1924 година, по победата на Црвената комуна, како социјалист задоен со идеите на големиот Васил Главинов, е избран за одборник. За време на првата светска војна  се запознал со еден голем мајстор на месни производи од тогашна Маџарска по кого подоцна овој велешанец  го добива и надимокот Тодор Маџарот. Заедно почнале  производство на колбаси, салами и други производи кои се трошеле „како алва“. Најмногу ги продавал во Белград, Србија. За тоа дека Тодор бил голем човек во своите мемоари познатиот музиколог Жифко Фирфов  ќе рече:

„Со душа чекавме Тодор Маџарот да дојде во Белград. Секогаш кога ќе дојдеше знаеше каде да ме најде. Ќе ми речеше, Живко собери ги велешанчињата и сите Македончиња што студираат во Белград. Јас откако ќе ги повикав  чичко Тодор не носеше во кафеана  каде што не честеше и не гоштеваше со тоа што сите јадеа и пиеја колку што можат.  Голем човек и голем Македонец беше  Тодор Јуртиев Маџарот“.

Кога му тргнала работата со војничкиот другар,  Маџарот, се договорил во Велес да отворат фабрика за производство на сувомесни производи, меѓутоа,  за жал до тоа не дошло бидејќи Маџарот починал.  Колку бил почитуван говорат сеќавањата на неговата 82 годишна ќерка Таска Балабамова:

„Кога почина татко ми, по  обичај вечерта  го чувавме. Во еден момент на наше големо изненадување, во собата каде лежеше покојникот,  дојдоа група на роми. Се зачудивме.  Најстариот  од нив праша кој е најстар во куќата. Сестра ми Павлина Зарезанкова одговори дека е таа. Тогаш тој одговори дека се сиромашни роми кои собрале малку пари за да му помогнат на семејството околу трошоците за погребот на мајстор Тодор Маџарот. Човекот рече дека татко ми бил голем човек и единствен во градот  што ги почитувал. „ Кога бевме со него  и ние се чувствувавме дека сме луѓе“, рече човекот. Сите присутни во собата бевме изненадени. Убаво се сеќавам,  сестра ми им даде да се напијат ракија велејќи им „ Многу ви благодариме за убавиот гест. Ве молам сега сите заедно да отидете во првата кафеана и со тие пари, напите се ракија, вино или пиво, за душа за вашиот пријател, а наш  татко Тодор. Ромите со насолзени очи тивко си заминаа“, рече Таска  Балабамова.

Стоилко Андреевски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.