Оризопроизводителите од велешко незадоволни од откупната цена
Објавено: 24 ноември, 2015, во 14:27 часот
Жетвата на оризот заврши. Родот е прибран и чека купувачи. Оризопроизводителите се збунети. Не знаат што да прават со квалитетната оризова арпа. Компаниите им нудат цена од 15 до 20 денари за килограм со која не можат ниту да ги покријат основните трошоци. Оние што имаат простории го складираат, а другите се приморани и по таа цена да го дадат родот. Земјоделците побараа помош но, барем досега, никоj не сака да им помогне.
„Вака никогаш не било. Сакаат без пари да ни го земат оризот. Навистина е греота сето ова што ни го прават. На наш грб сакаат да печалат пари. Верував дека годинава ќе имаме подобра цена, арно ама повторно се увезени поголеми количества и тоа на неквалитетен ориз. Незнам зошто се прави така и како некој да сака да не го произведуваме. “, рече Трајко Костов , производител од Еловец.
Годинава од оризовите полиња по течението на реката Тополка се собрани над 500 тони оризова арпа што е повеќе од сите очекувања. Земјоделците од Еловец, Голозинци, Мелница, Лисиче, Чашка се презадоволни како од родот така и од квалитетот. Од хектар се најдени и по 8 до 9.000 килограми што навистина претставува рекорд.
„Од родот и квалитетот сме презадоволни меѓутоа, од откупната цена што ни ја нудат компаниите , не сме. Жално е еден килограм оризова арпа да ни ја платат по 2о денари. Минатата година ни го откупија родот по 25 до 30 денари за килограм. Незнам навистина што да кажам. Имав еден хектар и најдов осум тони. Место за складирање имам за половина род. Незнам каде да го носам. Да го носам да го мелам во млиновите ми требаат пари, а ги немам. Разочарани сме. Догодина ќе ги намалам површините“, рече Исмет Меметалија од село Мелница.
Велешките производителите на оваа земјоделска култура по повеќегодишна пауза, со изградбата на браната на ХС „Лисиче“ , која им обезбеди доволни количества на вода и која е основен услов за одгледување на оризот, повторно го вратија оризот на полињата. И повеќе од тоа. Со одгледувањето на ориз многумина не ги напуштија родните огништа и веруваа дека оризот повторно ќе го врати животот и дека и оние што некогаш заминаа пак ќе се вратат. Но со ваква откупна цена тоа ќе биде многу тешко. Тие сега се исправени пред голем проблем, што да прават со годинашното рекордно производство./ С.А


