Висок степен на коруптивност во јавните набавки – констатираа ЕУ експерти
Објавено: 26 ноември, 2015, во 14:41 часот
Во земјите од Западен Балкан не се подобрува состојбата во јавните набавки. Македонија не е исклучок. Последните податоци за корупција во јавната администрација во државава, според истражување на невладините организации од регионот и експерти на ЕУ , откриваат поразителни резултати за побарано мито од страна на јавен службеник на 25 отсто од анкетираните Македонци додека 21 отсто од нив дале мито за добивање на услуга. Според овие истражувања загрижува податокот кој говори дека 61 отсто од испитаниците се свесни дека има корупција во јавните набавки додека само 1отсто од нив имаат оптимистички очекувања, за подобрување на состојбата.

Податоците беа соопштени на регионалната конференција во Белград на тема „Како до поголема контрола на јавните набавки“ на која учествуваат претставници од невладиниот сектор од повеќе земји на Балканот но и експерти од Европската Унија.

Експертот од ЕУ, Руслан Стефанов како позитивен пример ја посочија само Естонија која е најбрзо растечка земја во борбата против корупцијата додека според Данило Пејовиќ, финансов директор на „Транспарентност Србија“, за надминување на состојбата во јавните набавки, во земјите на западен Балкан значајна е улогата на медиумите во борбата против корупцијата и добрата информираност на граѓаните за манипулациите на релација Влада – приватен сектор.

Експертите потенцираа дека на годишно ниво во земјите на ЕУ се трошат 425 милијарди евра, во тендери, а тоа претставува дури една петина од БДП на Унијата.

На дводневната конференција во Белград ќе се бараат механизми за подобрување на состојбата. Во утрешниот ден се очекуваат последните официјални податоците од македонските институции за реализацијата на процесот на јавни набавки од годината што изминува. Податоци од мониторингот и следењето на состојбата со корупцијата во Македонија ќе презентира и Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Од Белград, Србија за „Дума“
Убавка Јаневска







