Топилничарската згура ќе се дава под концесија

Објавено: 27 ноември, 2015, во 13:57 часот

Ќе се спаси ли Велес од Топилничарската згура? Министерството за економија пред неколку дена распиша јавен повик, за изнајмување и користење на троската која се наоѓа на депонијата недалеку од Топилницата во Велес. Целта е еднаш за секогаш да се реши проблемот со загадувањето на Велес кое го предизвикува депонијата во која се наоѓа повеќе од 1,7 милиони тони троска. Таа е резултат на тридецениското работење на Топилницата и со присуството на олово, цинк, кадмиум, жива и други метали е најголем загадувач на воздухот и почвата во Велес и неговата околина. Локалната самоуправа и жителите на повеќе пати од надлежните бараат оваа депонија да биде одстранета бидејќи последиците од нејзиното присуство се големи врз здравјето на граѓаните, а најпогодени од прашината се најмладите.

Право да побараат концесија над троската имаат заинтересирани физички лица и компании, како и правни лица од земјава и странство. Јавното наддавање ќе се одржи по електронски пат, преку аукција на 18-ти декември во 10 часот во Министерството за економија во Скопје, Оние кои ќе се јават на повикот ќе имаат можност троската, во која има повеќе од 3 отсто олово, 2,5 цинк, 1 отсто кадмиум и други метали да ја користат во наредните десет години.

Инаку, ова е трет пат Министерствата за животна средина и економија да распишат јавен повик за давање под концесија и за користење на троската од депонијата. Досега интерес пројавија домашни и странски компании но, до реализација не дојде. /С.А.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.