Промовирана јубилејната, десетта, стихозбирка „Волшебниот свет на детството“ на поетесата Славјанка Љуткова
Објавено: 16 декември, 2015, во 13:07 часот
Влезот во волшебниот свет на детството е возможен единствено со билет во облик на срце што чука и зрачи со најубави бои. Таму има подадени рачиња, само за повозрасните кои децата безвремено ги љубат, поради посветеното внимание во игрите преку кои влегуваат во возбудливиот, шарен и волшебен детски свет.

„Стихови за децата, нанижани како ѓердан бисери што сјаат и дење и ноќе, а од нив добиваш и топлина и светлина, во срцето и душата“. Вака се доживуваат стиховите посветени на најмладите и најмилите, на децата во стихозбирката „Волшебниот свет на детството“ на поетесата Славјанка Љуткова.
„Неуморна во своето поетско творештво, водена од непресушниот извор на инспирација,љубовта кон своите деца и внуци,Славјанка создаде уште едно прекрасно литературно дело, подарок за македонската детска поезија, стихозбирката „Волшебниот свет на детството„, рече на синоќешната промоција промоторката Соња Гаврилова.
Љуткова е поетеса која остава своевиден белег во досегашното творештво со своите книги посветени на вечниот двигател, љубовта, без која се би било безсмислено.
„Низ своето досегашно творештво, поетесата, ни покажала дека искрено ја отвора душа пред својата читателска публика и со грст топлина, како прегратка, ги собира своите стихови кои нам на читателите ни ги подарува посебно на најмалите, најмилите, децата. Во своето творештво таа секојдневно го отсликува раскошот на човечката душа,“ рече промоторката Лилјана Арсова. Таа исто така се осврна на целокупното творештво на Љуткова и ги потсети присутните на стихозбирките „Немир“, „Искинати души“,„Виножито на љубовта“, „Копнеж“, „Ткаеното шарено килимче“, „Во вителот на љубовта“,„Симона“, „Откорнати души“ и „Ајде да се сакаме“.
Авторката со оваа, најнова книга го одбележа своето десетгодишно творештво. Јубилејната десетта стихозбирката „Волшебниот свет на детството“ рече дека им ја посветува на своите две внуки, нејзината непресушна инспирација за творење.
„Детскиот свет е наубави сите ние се посетуваме на детството како на едно волшебно време.Чисти душички со преубави насмевки, тоа е детето. Затоа ним им ја препорачувам мојата стихозбирка поради убавите поуки. Нам пак, на постарите би им ја упатила пораката дека најдоброто нешто што можеме да го сториме е да ги земеме во прегратка нашите деца и внуци и секако да им го даруваме најубавиот бакнеж,“ рече Љуткова.
Таа е член на Клубот на писатели „Кочо Рацин“ во Велес и добитник на општинската награда„9 Ноември“, на прва награда на литературната средба на „Семејна палета“ на МТВ и на наградниот конкурс „Ванчо Николески“ во Битола./У.Ј
