Фотографот Ѓорги Личовски добитник на наградата на УНИЦЕФ за фотографија на годината
Објавено: 18 декември, 2015, во 09:08 часот
Долгогодишниот познат наш македонски фотограф Ѓорги Личовски, ја доби годинашната награда на УНИЦЕФ за фотографија на годината.
УНИЦЕФ Германија и Гео Германија (од издавачката куќа „Грунер + Јар“) традиционално доделуваат „УНИЦЕФ Фотографија на годината” за фотографии и фото галерии што најдобро го отсликуваат карактерот и условите за живот на децата низ целиот свет.
– Македонскиот фотограф Ѓорги Личовски е победник на конкурсот „УНИЦЕФ Фотографија за 2015 година“. Неговата репортажа ја отсликува состојбата со бегалците на границата меѓу Грција и Македонија, информираат од УНИЦЕФ.
– На 21 август 2015 година, на грчко – македонската граница, се случи трауматична ситуација за две деца бегалци што беше проследена од фотографот Ѓорги Личовски.
Тој верувал дека за време на неговиот живот како фотограф веќе видел што е страдање, од распадот на Југославија до протерувањето на стотици илјади косовски Албанци. Но, вознемирувачката ситуација што тој ја посведочил таму ги расплакала и него и неговите колеги, објаснуваат од организацијата.
Ова е втора меѓународна изложба на фотографот Личовски. Како долгогодишен фоторепортер на агенцијата ЕПА, Личовски во последните 20 години ги покривал и известувал од сите важни настани во регионот и светот. Неговите фотогрфии покажуваат сведоштва од секојдневјето, многу конфликти и војни во регионот, следење на светските лидери и државници, олимпијади и клучни финалиња на спортиките светски настани. Фотографските почетоци му се во „Нова Македонија“, потоа „Вест“ и„ Вечер “ соработник е на многу странски медиуми и агенции, сениор фоторепортер на ЕПА, а во моментов е ангажиран и во скопскиот неделникот„ Република“.

Фотографиите на Личовски во овој период, беа објавувани на насловните и на внатрешните страници на познати светски магазини и дневни весници, а тој самиот на блогот на ЕПА, за оваа тешка задача, напиша:
„Со доаѓањето на емигрантите на територијата на Македонија, во март и април, бев меѓу првите кој покажа сериозен интерес, бидејќи претпоставував дека приказната за мигрантите ќе се развие. Во почетокот, фотографиите не беа широко прифатени во европските весници, бидејќи Европа се уште не ја сфаќаше сериозно ситуација со мигрантите. Како што одминуваше времето, приказната стана поголема и во јули и август таа ‘експлодира’ и стана една од најголемите приказни во почетокот на 21-от век. Иако не сум млад, имам 30 годинишна работа како фоторепортер зад мене, почнав да ги гледам работите поинаку. Се соочив со големо морално прашање за мене, за сите нас… Дали е морално да се користи бедата и страшната ситуација за подобра фотографија?… Но, за волја на вистината, никогаш во мојот живот не сум имал и посилна реакција од многумина европски новинари и од читатели кои преку EПA, се обидоа да контактираат со мене, за да прашаат дали можат да им помогнат на мигрантите. Добив и неколку пораки во кои луѓето ме прашуваа каде тие можат да донираат пари за мигранти, што ме направи малку посреќен“ вели Личовски.
Покрај плакетата, Личовски како дел од наградата ќе има можност да направи репортажа за светски признатиот ГЕО магазин.
Извор: Локално
