Изложба на фотографии со архитектонско наследсво на Р.Чешка во Велес

Објавено: 18 декември, 2015, во 10:57 часот

Фотографии со замоци и дворци како и споменици на Република Чешка вчеравечер беа изложени во Ликовниот салон во Велес. Најрепрезентативните градби и природни убавини на Чешка ги фасцинираа велешани. Дванаесет фотографии со споменици кои се под заштита на УНЕСКО и осум фотографии со дворци и замоци со специфична градба ја сочинуваат изложбата што ја отвори амбасадорот на Република Чешка во Македонија, Мирослав Рамеш. Овие фотографии на посетителите им доближија еден период од средновековната историја на Чешка.

„Во време кое е исклучително сложено со бурни и актуелни настани мислам дека оваа изложба од прекрасни градби и природни убавини на Чешка ќе донесат нешто позитивно за граѓаните на Велес. Изложбата е мала но убава. Ние во Чешка имаме многу замоци и споменици, ова е избор на само неколку кои се издвојуваат по својата специфична градба и историско значење за земјата“, рече амбасадорот Рамеш.

„По француското културно наследство дојде ред да го претставиме и чешкото културно наследство. Ова е убава можност нашите граѓани пред се учениците и младите да се запознаат со архитектонското наследство кое е богато со голем број стари замоци, згради. Бидејќи Велес е движечката сила во архитектонското наследство на Македонија јас како негов претставник ќе имам чест да се запознаам со оној дел што недостасува во рамки на она што го работиме заеднични изминатите неколку месеци и ја формираме и Балканската мрежа за културно наследство. Имавме гостување во Косово, Албанија, следното ќе биде во Бугарија Србија и завршуваме со Хрватска“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.

Изложбата со фотографии од Република Чешка е дел од манифестацијата „Велес град на културата“./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.