Мини маратон во велешки театар

Објавено: 22 декември, 2015, во 14:58 часот

Со мини театарски маратон завршува овогодинешната манифестација „Велес град на културата“. Четири претстави од тековниот и една од стариот репертоар на велешкиот театарски ансамбл ќе се одиграат на двете сцени од 25-ти до 29 декември, кога и официјално завршува културната манифестација. Љубителите на театарската уметност ќе имаат можност бесплатно да ги проследат театарските претстави.

„Со овој маратон и ние официјално ја затвораме сезоната . Ова е наша голема благодарност до граѓаните на Велес, до нашата верна публика која цела година не поддржуваше и ова е еден гест во соработка со општината како мало новогодишно пакетче од пет претстави.“, рече директорот на велешки театар Ј.Х.К.Џинот, Јордан Витанов.

Маратонот почнува во сабота со театарската претстава „Спанаќ со пржени компири“. Во недела по пауза од година и пол на сцената се враќа претставата „Ноќите во бел сатен“. На малата сцена во понеделник ќе се одигра претставата „Класен непријател“, во вторник „Приказни од шестиот кат“ и во среда за најмладите, со почеток од 18 часот велешките актери ќе ја одиграат претставата „Волшебната шума“.

Граѓаните билетите можат да ги подигнат секој работен ден од 10 до 14 и од 18 до 20 часот./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.