Атлетска трка за помош на Зоран Димов
Објавено: 24 декември, 2015, во 14:13 часот
„Сите заедно да му помогнеме на Зоран Димов, повторно да застане на своите нозе“, под ова мото в сабота на Градскиот стадион во Велес , во 12 часот ќе се одржи атлетска трка што ја организираат атлетичарите од двата клуба Изгрев и Велес. За таа цел ги повикуваат сите хумани граѓани да дојдат на стадионот и да донираат пари за да му помогнат на Зоран.
„Да му помогнеме на Зоран конечно да го оствари својот сон затоа што верувајте на човек кој што му значело трчањето, одењето, спортувањето, одеднаш да се најде во таква состојба е навистина многу тешко . Јас верувам дека заеднички сите ќе смогнеме сили и ќе му помогнеме повторно да застане на нозе и повторно да ги освојува првите места во атлетиката“, рече Далиборка Златева.
Димов е ултрамаратонец и маратонец на долги стази, еден од најтрофејните атлетичари во Велес. Но пред три години трагично се прекина неговата спортска кариера. Во сообраќајна несреќа се здоби со тешки повреди на двете нозе кои и ден денес не може да ги излечи. Тој се уште не може да застане на своите нозе и се бори со повредите кои за жал оставија траен белег во неговиот живот. Лекувањето и рехабилитацијата се скапи па затоа се бара помош од неговите сограѓани, кој колку може да му помогне на Димов./Д.С
