Рибата најдена во Дојранско Езеро е пирана и тоа опасна
Објавено: 2 септември, 2016, во 07:38 часот
Во Дојранско Езеро е пронајдена црвено-стомачна пирана и за тоа нема дилеми, посочува проф. д-р Васил Костов од Институтот за сточарство, во завчерашното интервју за емисијата „Рибарска вистина“. Тој објаснува дека постојат околу 40-70 видови пирани и дека голем дел од нив се растителнојадни, односно „лажни“, но дека пираната уловена во Дојранско Езеро е вистинска, односно месојадна.
– Ова е вистинска пирана, која спаѓа во групата опасни пирани, вид што е карактеристичен за амазонските предели и најмногу ја има во реката Амазон и во реките во нејзиниот слив. Често се чува во аквариуми во целиот свет. Имаме бројни податоци за нејзино пуштање во отворени води, во Северна Америка, Европа, Британија, во Словачка и во Чешка, а сега и ние сме една од земјите во кои е регистрирана оваа пирана во отворени води, односно во Дојранско Езеро – изјави Костов.
Тој објасни дека, иако се води како озлогласена, црвената пирана во основа е сештојад, односно се храни со риби, мрша, инсекти, фауна на дното, како и со овошје и семки, односно сè што има достапно во одреден временски период.
– Црвената пирана се размножува во топли води на температура над 25 Целзиусови степени и не се исклучува можноста за нејзино размножување во Дојранско Езеро. Не поднесува ниски температури. Таа престанува да се храни на температура под 15 Целзиусови степени, а под 10 степени хибернира. Ако подолго време потрае ниската температурата, не преживува – објаснува професорот од Институтот за сточарство.
Говорејќи за тоа дали и колку оваа пирана е опасна за луѓето, односно за капачите во Дојранско Езеро, Костов вели дека луѓето може да се капат со неа.
– На Јутјуб каналот има снимки на кои се гледа како човек го храни аквариумот, пушта крв, пушта кокошка и потоа влегува самиот во него и ниедна пирана не му прави ништо. Но тоа е во аквариум. Во природното реално распространување имате случаи каде што мали деца и возрасни се искасани од пирани. Како таа ќе се однесува во Дојранско Езеро, зависи од тоа во колкав број ја има. Затоа, рано е да се зборува за решение на проблемот, бидејќи не знаеме каков е тој проблем – објаснува Костов.
Според него, пираната не напаѓа така како што е прикажано на филмовите, а за да биде опасна за луѓето, треба да ја има во огромен број. Според негови информации, една црвена пирана е уловена и на грчка страна, а на македонска страна досега се уловени два примерока од оваа риба.
Институтот за сточарство и официјално потврди дека уловената риба во Дојранско Езеро е црвена пирана, но од Хидробиолошкиот завод од Охрид, излегоа со поинакво мислење. Оттаму смируваат и посочуваат дека станува збор за риба слична на пираната, односно за амазонски паку Неодамна е пронајдена и во едно езеро во Мичиген, а пред тоа забележани се случаи во Данска и во Франција кој воопшто не бил опасен за луѓето. Сепак, на интернет постојат написи за оваа риба, која досега била пронајдена во неколку води и се нарекува риба што ги напаѓа машките тестиси.
Таа се храни со билки, инсекти и јаткасти плодови што паѓаат во водата. Поради тоа, оваа риба не ги разликува плодовите од машките тестиси и во водите во Амазон и во Нова Гвинеја, каде што најмногу ги има, често ги напаѓаат тестисите на пливачите што се капат голи. Медиумите пишуваат и дека имало случаи кога некои рибари искрвавиле до смрт откако оваа риба им ги одгризала тестисите.
Рибата паку пред три години се појавила во Шведска, а тамошните медиуми на секој можен начин ја предупредувале машката популација никако да не влегуваат голи во вода, бидејќи можат да останат без својата машкост.
Извор: Плусинфо.мк
