„Маша и Медо“ се попопуларни од јунаците на Дизни

Објавено: 4 октомври, 2016, во 08:18 часот

Епизодата со наслов „Маша плус каша“ на Јутјуб ја гледале дури една милијарда и 600 милиони гледачи. Минатата година серијалот е прогласен за проект со најдобра анимација на манифестацијата „Кидс скрин“ во Мајами, што се смета за аналогија на детски „Оскар“.

Првата серија „Маша и Медо“ е емитувана во јануари 2009 година, а идејата, режијата и сценариото се на Олег Кузовков.

„Идејата да направам филм со ваков лик дојде по едно летување на Крим. На плажата видов девојче кое не им дозволи на родителите да одмораат. Освен на родителите, таа им пречеше и на другите гости. Кога најдов инвеститор, стартував со проектот. Веднаш по премиерното прикажување на првите епизоди и по позитивните реакции на публиката, тргнавме со зголемување на екипата и сега тимот брои околу 100 соработници. Едно филмче трае 7 минути, бидејќи тоа е идеалната должина за да се задржи детското внимание“, раскажува Кузовков.

Досега се изработени 52 серии. Во оригиналната, руска верзија, гласот на Маша го позајмува младата актерка Алина Кукушкина, која сега има 14 години, но кога почнало прикажувањето, таа имала само шест години. Во англиската верзија, гласот на Маша го позајмува актерката Елис Фишер.

Проектот „Маша и Медо“, само во мината година заработил 225 милиони долари. Само од рекламите на Јутјуб месечниот приход, според проценката на агенцијата „Блумберг“ , изнесува 1,5 милиони долари. Но, главната заработувачка е на дополнителниот бизнис: се печатат книги, се продаваат оброци во рестораните и се произведуваат играчки со ликовите од серијалот.

Извор: Плусинфо.мк

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.