Почна судењето на трикратниот убиец од Црвулево
Објавено: 21 октомври, 2016, во 07:35 часот
Во штипскиот Основен суд почна судењето против 35-годишниот Мустафа Шефаит, кој во јуни во карбинското село Ебеплија пукаше во сопствениот брат, а на јавноста е познат како трикратниот убиец, кој пред 16 години во селото Црвулево уби трojца, а рани две лица, објави ТВ Ирис.
Шефаит се суди за стореното кривично дело обид за убиство. Пред пет месеца со автоматска пушка пукаше во сопствениот брат Ќемал. Жителите на четири плачковички села два дена живееја во страв, бидејќи Шефаит со автоматската пушка се криеше низ планината. Мештаните ги евакуираа децата и жените во Штип и околните градови, а како што тврдеа тие, познатиот трикратен убиец се заканувал дека има список за отстрел на луѓе кои му згрешиле. По два дена тој се предаде на полицијата, но без автоматската пушка.
Во 2000 година беше осуден на казна затвор од 15 години, но пред две години е пуштен од затвор, по што се вратил да живее во карбинското село Ебеплија, каде што неговото семејство се преселило. Мештаните и семејството ги тероризирал, а често пати од неговиот дом се слушале и истрели од огнено оружје. Знаејќи го делото кое го сторил, дополнително го плашело месното население.

