Д-р Трајков: „Граѓаните кои го измениле начинот на живеење му помогнале на личното здравје“
Објавено: 21 февруари, 2017, во 19:21 часот
Вкупно 17, 5 милиони граѓани во светот годишно умираат од кардиоваскуларни заболувања додека 7,2 милиони граѓани како последица на коронарни болести. Македонија е дел од светот и Македонците не можат да се изолираат иако за лани и за 2015 година нема официјални податоци кои се однесуваат на морбидитетот на граѓаните во Македонија како последица на овие видови на заболувања. Во последно објавените информации, од пред неколку години, се потврдува дека за жал, и во Македонија се присутни негативните светски тенденции.
– Ако претходно беше поголем бројот на заболени граѓани од кардиоваскуларни заболувања после педесеттата година во последно време границата е поместена кон помладиот дел од граѓаните поточно имаме случаи кога по наполнување на дваесет години граѓани страдаат од висок притисок, од коронарна болест или од инфаркт. Постоечки статистички податоци говорат дека 0,6 % од мажите и 0,6% од жените на возраст од 20 до 39 години страдаат од кардиоваскуларни заболувања. Потоа дури на возраст од над 80 години процентот се зголемува и изнесува 32,7 % од мажите и 21,6% од жените, рече претседателот на Општинската организација на Црвен крст во Велес д-р Милчо Трајков.
Суштината на ваквата состојба не треба да се гледа од страната на лекувањето и земањето на терапија туку и подготвување на граѓаните да го изменат начинот на живот со што ќе му помогнат на личното здравје.
– Би препорачал граѓаните редовно да ги обавуваат систематските прегледи, редовно да се контролира притисокот, граѓаните над педесет години да ги проверуваат маснотиите во крвта на секој три месеци како и крвната слика и ЕКГ. Секој ден да се подвргнуваат на физичка активност, согласно возраста па помладите со спортување а повозрасните со пешачење со темпо од 4 км на час и да се зголеми изнесот а да се намали внесот на калории во организмот. Во однос на искраната да се внесува повеќе зеленчук и овошје а помалку месо и тоа бело месо, риба и пилешко, а многу малку или воопшто да не бидат застапени црвените меса, рече д-р Трајков.
Најголем ризик фактор за инфаркт или мозочен удар се цигарите, па алкохолот. Она што лекарот го препорача во исхраната се овес, јаболко, морков,маслиново масло, лук и кромид како и рибата, овошјето и зеленчукот кои најчесто влијаат на намалување на маснотиите како и чај, лути пиперки, 150 мл црно вино, лук, кромид, морски плодови и брусница против згрудувањето на крвта што придонесува за мозочни удари.
Општинската организација на Црвениот крст во рамките на неделата на срцевосадови заболување ќе одржи повеќе средби за подигање на свеста и намалување на појавата на кардиоваскуларни заболувања на граѓани во Велес и во Чашка. /У.Ј


