Во Охрид пристигнаа првите туристи од Холандија
Објавено: 2 мај, 2017, во 11:01 часот
На охридскиот аеродром пристигна првата тура од 180 туристи од од земјите на Бенелукс со што официјално почна годинашната летна туристичка сезона на Охридско-струшката ривиера.
За првите туристи од Холандија, на аеродромот „Свети Апостол Павле“ беше организиран свечен дочек со погача, сол, слатки и пијалоци.
– Утрово го дочекавме првиот авион со туристи од Холандија, кој беше полн што значи добар почеток на сезоната. Предвидено е оваа сезона да реализираме 183 лета со околу 30 илјади патници. Од јуни ќе стартуваат и летовите од Полска, така што очекуваме добра сезона. Работиме напорно на промоција на Охрид и Македонија, така што очекуваме со заеднички напори бројот на патници на охридскиот ародром да достигне 200 илјади- изјави Алпер Тунга Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Асим Меџедовиќ од „Фибула Травел“, која е македонскиот партнер на тур операторот „Корендон“ преку кого се организираат туристите од овие земји, како што рече очекува 20 отсто повеќе туристи преку „Корендон“ во Охрид.
– Се надеваме дека таквиот тренд на зголемен интерес ќе продолжи и понатаму. Значаен е и придонесот на ХОТАМ, угостителите и хотелиерите во унапредувањето на понудата во насока на привлекување тур-оператори од други земји што ќе ја стават Македонија во своите понуди- рече Меџедовиќ.
И охридскиот градоначалник Никола Бакрачески очекува зголемен број на туристи.
– Сите релевентни податоци укажуваат дека бројот на гости што ќе слетуваат на охридскиот аеродром од Холандија, Белгија, Англија, Швајцарија, Полска и Израел оваа година ќе биде значително поголем во споредба со лани – рече Бакрачески.
