Кавадаречкиот совет побара да запре сечата на Македонски шуми околу изворот Лукар
Објавено: 12 мај, 2017, во 14:54 часот
Алармантна е состојбата околу изворите „Лукар“ од каде со вода за пиење се снабдуваат жителите на Кавадарци, Неготино и Росоман. Таму „Македонски шуми“ подолг период врши неконтролирана сеча поради што при обилни врнежи се заматува водата за пиење.
Тоа беше причина советниците од кавадаречкиот совет да донесат неколку заклучоци и да се иницира запирање на таквите неодговорни постапки, како што рече иницијаторот на оваа точка, советникот Ташо Радњански.
На минатата седница и директорот на ЈП Комуналец, Илија Атанасов потврди дека се загрозуваат изворите кои снабдуваат со вода над 60 илјади граѓани со активностите кои ги вршат „Македонски шуми“ околу изворите. Тој нагласи дека не помагаат никакви филтри за да не се заматува водата бидејќи после сечата се измива околниот простор при врнежи и таквата вода влегува во водоснабдителниот систем.
Советот на општина Кавадарци денеска покрена иницијатива подрачјето на сливот на Стара Река до водоснабдителниот систем Лукар да се прогласи за заштитена зона за експлоатација. Исто така советниците побараа организирање на јавна трибина по однос на овој проблем за кој се мисли дека е причинет од „Македонски шуми“, превземање на соодветни активности пред основното јавно обвинителство и да се задолжат стручните служби на општината и инспекторатот од за земјоделство, шумарство и водостопанство како и инспекторатот за животна средина да извршат увид на местото каде е вршена сеча и да се превземат соодветни мерки./А.Д
