Две нови кривични за „крвавиот четврток“ во собранието
Објавено: 19 мај, 2017, во 13:13 часот
А.Б. (60) од Тетово и А.Ш. (22) од Скопје добија кривична пријава за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ за насилието во Собранието на 27 април.
„А.Б., откако насилно влегол во Собранието, во прес салата се туркал и се обидел физички да се пресмета со обезбедувањето на пратеникот О.С., упатувајки им закани. Во моментот кога сакал да се доближи до пратениците бил задржан од страна на друго лице. Второпријавениот А.Ш. насилно ја отворалил влезната врата на Собранието, удирајки ја со раце и нозе, притоа туркајќи ги и влечејќи ги полициските службеници поставени во кордон пред вратата. За преземените дејствија на двајцата пријавени обезбедени се видео записи, со нив биле извршени разговори во кои целосно ги појасниле преземените дејствија, по што истите се ослободени.
Исто така, до Основно јавно обвинителство Скопје доставени се три Известувања.
Првото се однесува за извршени прегледи на видео материјали од настаните на 27.04.2017 година во Собрание на Република Македонија при што било утврдено дека осум лица се присутни во Собранието, но истите немаат преземани никакви дејствија. Второто се однесува на барање за издавање Наредби до мобилен оператор за издавање на листинзи на телефонски број сопственост на лице за кого претходно е поднесена кривична пријава и извршен претрес во дом и други простории. Третото известување се однесува за обезбедена целокупна здравствена документација на лица кои се пријавиле како оштетени од наведениот кривично правен настан во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје.
По претходно доставена покана, во просториите на СВР Скопје бил извршен разговор со лицето С.С. (38) од Скопје, по што лицето е ослободено. Во консултации со Јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок. Исто така, бил извршен разговор и со лицата О.Р. (42) и С.М. (51), двајцата од Скопје и вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. По извршениот разговор и тие биле ослободени, а во консултации со Јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок“, соопшти МВР.
На 18 мај, полициски службеници се обиделе да извршат претрес во домот на И.Ј. (46) од Куманово, но претресот не бил извршен бидејки никој не ја отварал вратата. Судијката кажала да не се постапува по дадената писмена наредба и да не се влегува во станот со кршење на влезната врата.
