Петта генерација на дипломирани и магистрирани студенти на Технолошко технички факултет во Велес

Објавено: 1 јуни, 2017, во 15:27 часот

Четириесет студенти денеска на факултетот во Велес добија диплома од прв циклус студии со што се стекнаа со звање дипломирани инжинери по прехрамбена технологија и биотехнологија како и нутриционисти. И пет магистранти се здобија со звање магистер по безбедност и храна како и магистер по нутриционизам. Нив дипломите им беа доделени на свеченост што факултетот ја организираше пред поканети гости и семејствата на дипломците и магистрантите.

Ако се има во предвид се поголемата определба на граѓаните за конзумирање на здрава храна и исхрана овие кадри се повеќе ќе бидат барани во Македонија, рече денеска деканот Валентина Павлова

– Очекуваме на овие кадри да им излезат во пресрет што поголем број на институции како што се здравствени организации, градинки и училишта во кои што бараме нутриционизмот да биде воведен како изборен предмет. Така здравиот начин на исхрана ќе се внесе уште со првиот чекор на граѓаните, тука пред се мислам на децата кои посетуваат градинка, со цел да немаме голем број на заболувања на кои причина е храната. Во втората насока, прехрамбена технологија и биотехнологија, студентите наоѓаат работа иако сметаме дека компаниите треба уште повеќе да се отворат за кадрите што завршуваат на овој факултет, рече Павлова.

Една од повеќето предности на технолошко техничкиот факултет во Велес се лабораториите кои универзитетската управа се труди што повеќе да работат. Освен за студентите тие треба да бидат ставени во функција на пошироката заедница.

– Овој факултет станува се позначаен фактор во работењето на Универзитетот „Климент Охридски“ од Охрид, особено што работи во областа на технолошко техничките науки поточно поле кое што денеска е во тренд или научни области за кои што постои голем интерес како дома така и во странство. За ова показател е и бројот на денешни студенти кои што ги промовираме како и соработката на факултетот на меѓународно ниво каде студенти остваруваат мобилна соработка во делот на студирање еден или два семестри на странска институција, обавување на пракса како и мобилноста на наставниот кадар, рече проректорот за студентски работи Проф.др Виолета Маневска.

Засега управата на факултетот е задоволна од интересот на средношколците за запишување на овој факултет. Сега тие го чекаат одобрувањето на конкурсот за да се огласат и планираните слободни места за упис на студенти во учебната 2017/18 година. /У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.