Да заѕвони старото гимназиско ѕвоно и да раскажува за градската велешка традиција
Објавено: 3 јуни, 2017, во 13:24 часот
Секое утро и точно напладне во велешката Гимназија, формирана во 1857 година, на настава учениците биле повикувани со чукање на уникатно ѕвоно. Оваа традиција почнала во турско и продолжила во бугарско,во српско време како и за време на Југославија, кога за прв пат се слушнал мајчиниот македонски јазик во најстарата гимназија во Македонија. Гимназиското ѕвоно се наоѓа во специјално изграден дел на кровот на зградата. Поточно тоа ѕвонело секое утро во 6 часот и 30 минути и напладне во 12 часот и 30 минути ѕвонело. Неговиот звук се ширел и слушал во целиот град. Тогаш Велес бил помал, неговите последните куќи се наоѓале на локација на денешната зграда на Пошта. Токму затоа одѕвонувањето стигнувало и до нив. И бидејќи ретко кои од тогашните ученици, па и жителите во градот, имале часовници тие преку ѕвонењето го мереле времето .

Така било еден век и десет години во градот. Во 1967 година гимназиското ѕвоно престанало да ѕвони а неговиот ѕвон да се слуша низ Велес. За некои граѓани времето го надминало деценискиот начин на повикување на учениците да дојдат на настава а за друг пресудна била преселбата на Гимназијата од старата во нова зграда. До денеска никој не ја истражил причината и не понудил точни информации кога и зошто прекинало да ѕвони гимназиското ѕвоно.

Гимназијалци фотографирани пред зградата на училиштето во 1886 година во Велес
Но кога тоа го мерело времето во градот и особено било важно за учениците да стигнат навреме на училиште го чукале школските служители. Овие граѓани, за да одекне ѕвонењето низ велешките сокаци и маала, ги оставале на момент сите други работни обврски и точно навреме ја повлекувале ортомата која била врзана на ѕвоното. Тоа почнувало да ѕвони и ѕвонењето траело во наредните десетина минути.
– Звукот на гимназиското ѕвоно стана омилен не само за учениците туку и за сите тогашни жители на Велес. Го слушавме најнапред ѕвоното на Гимназијата, а потоа се огласуваа камбаните од црквите „Свети Пантелејмон“, „Свети Спас“ и „Богородица“. Кога ќе го слушневме ѕвонењето знаевме колку е часот и знаевме дека треба да одиме во училиште. Незнам кога престана да ѕвони, рече осумдесет и шест годишниот велешанец Ангел Никушев.
Гимназијата од старата во новата зграда се пресели во учебната 1957/58 година. Тогаш неа во стариот училишен објект ја наследи средното економското училиште кое до 1967 година ја одржуваше традицијата со ѕвонењето на ѕвоното. Потоа ѕвонењето замре.
Не ѕвонеше повеќе од четири децении. Но, кога во зградата се всели основното училиште „Благој Кирков“ повторно беше донесека одлука од наставничкиот совет да биде обновена традицијата.

Ѕвоно на кровот на старата гимназиска зграда во Велес
– Ме викна директорот и ми рече да го подготвам ѕвоното. Вложив голема работа. Ѕвиното беше запуштено.Успеав да го оспособам. Ја заменив на некои места старата ортома и во 2009 година повторно се огласи ѕвоното. Ѕвонеше нешто помалку од две години. Со урбанизацијата и проширувањето на Велес неговиот глас не се сеслушаше далеку. Така ми рекоа дека нема ефект да ѕвонам. Денес до ѕвоното тешко може да се дојде бидејќи со реновирањето на кровот на зградата отворот е многу намален, а местото каде што стоеше ортомата е заѕидано“, вели служителот Живко. Тој е последниот ѕвонар на велешкото гимназиско ѕвоно.
– Мислам дека е добро да се врати неговиот звук повторно во градот.Јас мислам дека Велес и велешката Гимназија треба да ја негуваат оваа традиција, рече велешанецот Никушев.

Така мислат и уште десетици стари велешани со кои подолго време разговараме на оваа тема. И да се носталгични, затоа што темата ги врати во времето на младоста а дел од нив и преку спомените во гимназиските ученички клупи, за нешто помладите наши сограѓани иницијативата за реактивирање на ова звоно значеше негување на традицијата во градот во кој за првпат во Македонија имало гимназиско образование.
Сите тие рекоа дека го забележуваат кога пазарат на централниот градски пазар како нем сведок на едно време . Помладите сограѓани не ни претставуваа дека на кровот на старата гимназиска зграда ѕвоното стои веќе 160 години. Ако повторно заѕвони можеби ќе предизвикува поголемо внимание како и неговата приказна што добронамерните гости во Велес ќе сакаат да ја слушнат.
Стоилко Андреевски

