Волонтерите на Црвен крст денеска спасуваа давеници
Објавено: 23 јуни, 2017, во 12:53 часот
Силен земјотрес го погодил Велес во раните утрински часови и предизвикал напукнување на брана од акумулација на притоките на реката Вардар па како последица на состојбата силен бран со голема количина на вода надоаѓа кон градот. Водата ги загрозила граѓаните, особено тие што се нашле на патот на водата, покрај речното корито на Вардар. Велешкиот Црвен Крст добил известување од државните институции и направил мобилизација на обучените спасители на вода да помогнат. Спасителите, кои се дел од тимовите за одговор при катастрофи на оваа организација, започнаа спасување на давениците, ги вадеа од водата, им укажуваа прва помош а потоа ги предаваа на здравствените екипи. Вежба со вакво сценариот денеска изведоа спасителите на велешкиот Црвен Крст на кејот на Вардар која го привлече вниманието на граѓаните кои поминуваа по Мало мовче или одеа кон централниот градски пазар.

Денешната успешно спроведена вежба на членовите на тимовите за одговор при катастрофи всушност беше завршна активност од проектот за нивна обука.

– Станува збор за проект „Обука и набавување на опрема на тимовите за одговор при катастрофи“ кој го подготвија Општинската организација на Црвен Крст – Велес заедно со Ротари клуб во Велес за обезбедување на сериозна обука и набавка на опрема. Сојузот на Ротари на Македонија ги обезбеди финансиските средства. Следеше набавка на опрема за тимовите за одговор при катастрофи чии членови се обучуваа и во Црвениот крст на Македонија и еве денеска, тие, со опремата што веќе ја поседуваат ја изведоа завршната вежба, рече секретарот на Црвен Крст Велес Миле Маџаров.

Поддршка на тимовите за одговор при катастрофи им дадоа и кајакарските клубови во Велес како и членови на единицата на општина Велес. Според Маџаров, Црвениот Крст по две вакви вежби планира да изведува секоја година со учество на обучените волонтери на тимовите за одговор при катастрофи./У.Ј

