По средбата со премиерот Заев, работниците на „Колска“ очекуваат да се одблокира фабричката сметка и конечно да земат плата

Објавено: 27 јуни, 2017, во 15:44 часот

Сто дваесет и петте работници на велешка Колска заминаа денеска на мирен протест пред Влада а завршија во кабинетот на премиерот Зоран Заев. И нему му соопштија дека дошле во Скопје затоа што секој ден во изминатите шест месеци поправаат патнички и товарни вагони на МЖ а немаат земено денар плата, не се лекуваат, со години не им е заверен работниот стаж а дома секојдневно им тропаат извршители. Штом се вратија од Скопје попладнево во Велес работниците Љубе Чкртов и Славе Митев рекоа дека бараат пари и плата за тоа што го сработиле на работните места.

– Годинава не сме зеле денар. Четириесет и една година работам а не можам да си купам лекови. Блокирана ми е трансакциската сметка и немам да си платам вода и струја. Нашето раководство, на фабриката, не мрдна со прст. Ако не е синдикалната организација тешко нас. Директорот и раководството чека од синдикатот и од нас работниците да обезбедиме пари и за нас и за нив, рече Чкртов.

– Родителите ми го финансираат семејството. Кога ќе снемаме пари позајмувам од пријатели па потоа враќам. На премиерот Заев му кажавме дека мора да земеме плати за да можеме да се раздолжиме и да живееме. Сега имаме надеж. Додека претходната власт не лажеше еве сегашната власт глчедам дека ќе одат работите на подобро. Ветија и сега чекаме да исполнат, рече Митев.

Работниците ги повториле своите барања пред новиот премиер. Побарале велешка Колска да се припои кон ЈП „Македонски железници“. Тоа за нив е единствениот излез од децениската голгота. Особено откако процесот го започна Антикорупциска комисија кога пред неколку месеци даде дозвола но, техничкиот премиер Емил Димитриев не го потпишал решението.

– Моментално имаме шест неисплатени плати. Од ЈП „Македонски железници“ побаруваме 6,3 милиони денари што за Колска значат скоро две плати. Директорот на МЖ – транспорт , Игор Коруновски кажува дека немал сретства. Денеска Премиерот Заев со министерот за транспорт и врски Сугаревски попладнево ќе имаат средба. Заев ни вети дека за два до три дена ќе најдат решение за да им оставиме простор за да го решат целосно нашиот проблем, рече Слободан Димитриевски – претседател на синдикат на Колска.

– Премиерот денеска беше коректен со нас, ни даде некои ветувања. Ние му кажавме дека не е излезот во пазарните цени по кои ние работиме за Македонски железници туку во враќањето на Колска или припојувањето кон јавното претпријатие, рече Влатко Митревски – член на синдикатот во Колска

Работниците на единствената македонска фабрика за одржување на железнички вагони досега земаа плата само кога штрајкуваа. И сега кога ќе земат тоа ќе биде по нивен протест. Се надеваат дека ќе им се брои како последен и предупредуваат дека од оваа Влада очекуваат прво да ја симне блокадата што поради неплатен ДДВ и придонеси ја стави УЈП на банкарската сметка на велешка Колска па потоа да им даде плата. /У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.