Угаснати пожарите кај Сливник и Раштани но, гори подножјето на Горна Јакупица
Објавено: 3 август, 2017, во 12:02 часот
Изгаснат е пожарот што ги зафати атарите на велешките села Раштани и Сливник. Пожарникарите од Велес и работниците на ЈП „Македонски шуми“ – шумско стопанство „Бабуна“ синоќа, среда 2 август, успеале огнот да го стават под контрола а потоа и да го изгаснат. Стрниште и сува трева веќе не гори ни во атарот на селото Клуковец, третиот крак на пожарот во овој дел на велешка општина. Во текот на денот се контролира опожарената површина, велат од Центарот за управување со кризи.
Од таму потврдија дека во текот на денешниот ден се контролира и опожарената површина околу местото викано Сеченица, во атарот на селото Богомила, каде од понеделникот на 1 ви август исто така се појави пожар што беше гаснет од вработените во шумското стопанство Бабуна и од пожарникарите но, повторно се активираше.
Во моментов во општина Чашка има еден активен пожар. Гори во подножјето на планината Горна Јакупица. Огнот се шири на доста непристапен терен над селото Нежилово. Таму не е можно гаснење од земја ни со авион канистер туку само со хелихоптер, велат мештаните. Засега и тие како и работниците на ШС „Бабуна“ само го надгледуваат теренот по кој не можат да се искачат./У.Ј


