Чадиев се пожали дека СДСМ и МВР не дозволувале монтажа на пешачкиот мост во Башино село, Коџобашиев повтори дека Заев не е пожелен во Велес и Попов ги нарече срамни и невистинити ветувањата на Коцевски дека ќе донел живот во спортот
Објавено: 2 октомври, 2017, во 14:41 часот
Готов е пешачкиот мост кој треба да ги спојува Црквата Свети Никола и гробиштата во Башино село и ветеното било реализирано, рече на денешната прес конференција актуелниот Градоначалник и кандидат за втор градоначалнички мандат , Славчо Чадиев.
– Целосната должина на мостот е 43,06 метри. Со пристапните патеки од двете страни должината на објектот ќе има 60 метри. Мостот е широк 3 метри. Делот кој е наменет за пешаците изнесува 2,6 метри. Со изградбата на пешачкиот надпатник ќе исправиме една голема неправда која им е нанесена на локалните жители во периодот кога се градел автопатот Е-75 од Скопје за Велес во почетокот на 60-тите години од минатиот век, со кој значително им е отежната комуникацијата од црквата до гробиштата. Сегашното решение е со многу заобиколувања и движење по лош пат за да се стигне до гробните места. Вкупната инвестиција изнесува 5,7 милиони денари, рече Чадиев.
Тој додаде дека СДСМ и МВР правеле се за да на се монтирал овој мост бидејќи согласноста за поставување никако не пристигала па затоа им упати порака дека мостот не бил ни на Чадиев ниту на ВМРО ДПМНЕ туку на жителите на Башино село кој треба да го користат со години за им овозможат секогаш кога сакаат да одат на гробните места и дека мостот се изградил затоа што барале тие и месната заедница.

На втората прес конференција на ОК на ВМРО ДПМНЕ поранешниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ, Ѓорги Коџавашиев уште еднаш му порача на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека не бил пожелен во Велес бидејќи велешани немало на 15 Октомври да излегле и да го поддржеле него и Аце Коцевски за градоначалник на Велес.
– На Велес му е потребен спас токму од вакви профитери и послушници кои се одговорни за упропастувањето на градот. Рекордна невработеност во Велес имаше кога Владата ја предводеше СДСМ, пратеник во Собранието беше Зоран Заев, а градоначалник на Велес беше Аце Коцевски. Зоран Заев и Аце Коцевски немаат направено ништо добро за градот. Велешани со СДСМ и Аце Коцевски имаат бележано само црни резултати, измами и ветувања кои никогаш не се исполнија. Денеска на митингот Заев и Коцевски ќе се удираат во гради и ќе глумат грижа за Велес. Велешани знаат добро што тие имаат направено, но уште повеќе знаат што тие не направија. Тие ја имаа сета моќ да направат нешто за градот. Дното на економијата Велес го достигна кога Владата ја предводеше СДСМ, пратеник во Собранието беше Зоран Заев, а градоначалник на Велес беше Аце Коцевски. Во 2005 Велес го достигна црниот рекорд по бројот на невработени лица. Речиси 17 илјади лица останаа без работа. Токму тогаш СДСМ управуваше со државата и го водеше градот. Во тој период СДСМ има премиер во владата, во собранието пратеник е Зоран Заев заедно со пратеничко мнозинство на СДСМ, а на позицијата градоначалник е Аце Коцевски. СДСМ и Аце Коцевски пред избори во центарот на Велес, на Сармаале, гласно ветуваа дека ќе вработи по еден член во секое семејство. Ветуваа и лажеа, рече Коџабашиев.

Анализирајќи ги изјавите на кандидатот за градоначалник на СДСМ, Аце Коцевски дека ќе донел живот во спортот, на третата прес конференција активистот на ВМРО ДПМНЕ Иле Попов, констатираше дека тие биле срамни, невистинити и без никава поткрепа бидејќи да сакал Коцевски можел тоа да го стори во периодот од цели 9 години во кој беше Градоначалник.
– Но, наместо тоа, тој реши да им го сврти грбот на спортистите, на спортските клубови и на спортските работници. Во време на Аце Коцевски велешките спортски клубови играа во најниските лиги, едвај опстануваа, немаше никава помош од општината, љубителите на спортот не доаѓаа на натпревари, а младите немаа никакви услови за спортување. Градскиот стадион за кој денес Аце Коцевски ветува живот, во неговото време беше мртва точка на спортот, но и една од најлошите слики за градот воопшто, рече Попов.
Тој го прашаше Коцевски зошто два мандати не направил ништо за стадионот, колку пати побарал градот да го превземе стадионот од државата и зарем не му било срам што теренот на градскиот стадион во негово време личел на обична ливада и додаде, како освен ВМРО ДПМНЕ, истото тоа го тврдел и тогашниот член на Советот на општината Зоран Ѓуровски од редовите на СДСМ кој бил Претседател на Сојузот на спортови на Град Велес, со изјава дека Коцевски бил „гробар на велешкиот спорт“ иако денес повторно бил на листата со кандидати за членови на Советот. /У.Ј


