Полицијата бара уште 12 лица што учествуваа во настаните од 27 април
Објавено: 30 ноември, 2017, во 13:03 часот
Полицијата сè уште трага по 12 лица кои треба да бидат изведени пред кривичниот суд во рамки на истрагата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за упадот во Собранието што се случи на 27 април. Изјави дека полицијата има сознанија дека сите 12 се во државава.
– Имаме сознанија дека некои од 12-те лица што сè уште не се обезбедени имаат двојни државјанства – рече Спасовски и додаде дека не може да открие повеќе детали.
Спасовски рече дека за квалификациите на кривичното дело за кое се товарат обвинетите е надлежно обвинителството, а не МВР.
Тој не сакаше да ги каже имињата на 12-мината по кои се трага, ниту дали меѓу нив има пратеници, организатори на настаните од 27 април, напоменувајќи дека тие податоци не се споделуваат во јавноста во моментов.
За оние кои се притвор, а се вработени во МВР, рече дека има законски норми, кои укажуваат како треба да се постапува во вакви случаи.
– Сите оние кои се вработени во МВР, ако им се одреди мерка притвор, по известувањето нивниот работен однос се става во мирување. За оние за кои досега не се води дисциплинска постапка се отвора можност за поведување на таква постапка – појасни Спасовски.
Во врска со тоа дали МВР учествуваше во креирањето на делото, со оглед на тоа дека се работи за тешко кривично дело тероризам, Спасовски истакна дека улогата на МВР е пропишана во Законот за кривична постапка.
Додаде дека кривичните пријави, класификацијата на делата ги работи Основното јавно обвинителство за организиран криминал.
На прашањето дали постојат шанси тие да избегаат и дали некој од нив има фасификуван пасош министерот рече дека МВР работи на обезбедувањето овие лица да не избегаат и да бидат изведени пред суд.
Во врска со можноста да се зголеми бројот на лицата осомничени за настаните од 27 април, нагласи оти за тоа одлучува обвинителството.


