Неделава девет судски рочишта за предмети на СЈО во Кривичен суд
Објавено: 18 декември, 2017, во 08:47 часот
По денешните судски рочишта за „Траекторија“ и за „Шамарите во Центар“ неделава уште седум судења.
За утре е закажано рочиште за случајот „Тарифа“ во кој се обвинети три лица поради постоење основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.
В среда, на 20 декември, треба да се одржи судење за предметот „Сопот“, кој е отворен во 2003 година кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа кога теренско возило на НАТО нагази на мина. Во овој случај десет лица се товарат дека во 2003 година подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево-Сопот.
Во четврток и петок се закажани рочишта за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија. Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
Ново рочиште за случајот „Топлик“ во кој осомничени се шест лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за продажбата на градежна парцела за изградба на населбата Сончев град во скопско Сопиште е закажано за во четврток, на 21 декември.
Во петок, на 22 декември пак треба да се одржи рочиште за предметот „Таргет – Тврдина“ во кој се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.
