Дедо Мраз стигна во Велес и прво што стори исполни желба на тажно велешанче
Објавено: 20 декември, 2017, во 17:46 часот
По седумдесет и седми пат денеска Дедо Мраз даруваше крв. И тоа токму во Велес во едно од најголемите основни училишта „Блаже Конески“ во градот каде традиција е родителите и наставниците да организираат крводарителска акција. Дедо Мраз сосема случајно дознал, дека денешниот ден училиштето го посветува на хуманоста преку која се пасува човечки живот. И токму преку дарувањето на крв оствари желба на едно тажно велешанче.
– Ме поттикна едно детенце кое дојде деновиве пред мојата куќичка за да се фотографира со мене. Јас го прашав каков подарок сака да му донесам во новогодишната ноќ. Ме изненади кога рече дека не сака подарок туку сака да му помогнам на неговото братче да оздрави. Болното детенце имало потреба од крв поради операција. Еве затоа денеска јас дојдов и дарував крв во училиштето во кое учеа моите две деца а учи и братчето на болното детенце. Крвта што ја дарувам очекувам да му помогне на болното велешанче. Воедно ја испонувам желбата и на неговото братче, рече Дедо Мраз.
Крводарителската акција имаше голем одзив. Вкупно 55 крводарители, наставници и родители на ученици кои учат во ООУ „Блаже Конески“ даруваа крв. Тројца од нив за прв пат. Од вкупниот број на крводарители 17 беа жени а останатите се мажи.

– Благодараност за Дедо Мраз. Дечињата можат да бидат безгрижни. Дедо Мраз е во одлична здравствена состојба и се надевам дека и во наредните години ќе биде наш редовен дарител, рече д-р Кирил Манев од Институтот за Трансфузиона медицина.
Организаторите на акцијата се задоволни. Таа е една од најуспешните во изминатата деценија што ја организираа основната организација во училиштето како и Општинската организација на Црвен крст во Велес заедно со екипа на Институтот за трансфузиона медицина.

Откако Дедо Мраз даруваше крв тој рече дека денеска е многу среќен и задоволен што некого направил среќен. Во исто време и повика на хуманост.
– Сите граѓани што се полнолетни и здрави нека го посетат Заводот за трансфузиологија и се одлучат барем еднаш во годината да даруваат крв. Така ке спасат еден живот. Можеби тоа ќе биде и детски живот. Хо хо хохоооо,“ порача Дедо Мраз./У.Ј


