Охрабрувачки пораки од Жбогар и бугарскиот Амбасадор во обраќањата пред Владата
Објавено: 23 јануари, 2018, во 16:05 часот
Aмбасадорот на Република Бугарија во нашата земја, Иван Великов Петков, и шефот на делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, се обратија на денешната владина седница.
Бугарскиот амбасадор ги презентира програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Советот на Европската унија, а амбасадорот Жбогар изрази поддршка на процесите поврзани со европските интеграции на нашата земја.
„Заев истакна дека пораките што доаѓаат од Република Бугарија, актуелен претседавач на Советот на ЕУ, и од ЕУ, се охрабрувачки и мотивирачки за сите учесници во процесот на пристапување на нашата земја во Европската унија одговорно да продолжат во реализацијата на приоритетите и реформите неопходни за реализација на оваа стратешка цел на Република Македонија“, соопшти Владата.
Од таму наведуваат дека Великов Петков во своето обраќање ги информирал членовите на Владата за мотото на бугарското претседавање со ЕУ: „Заедно сме посилни“, како и за приоритетите, при што го истакна вториот приоритет посветен на европската перспектива и поврзаност на Западен Балкан во ЕУ.
„Амбасадорот на Република Бугарија порача дека неговата земја ги поддржува Владата на премиерот Заев, опозицијата и граѓанскиот сектор во напорите за постигнување на највисоките национални цели, членство во ЕУ и НАТО, и дека очекува сериозни придвижувања во таа насока и покана за почеток на преговорите со ЕУ за време на претседавањето на Република Бугарија со Европскиот совет“, се вели во соопштението.
Шефот на делегацијата на ЕУ во името на ЕУ потсети на изјавата на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, која на почетокот на оваа година истакна дека 2018 е клучна година за земјите од Западен Балкан, чие вклучување во ЕУ е егзистенцијално прашање.
„Амбасадорот Жбогар нагласи дека очекува и понатаму во политиките на Владата на РМ да доминира политичка мудрост, како и одржување на напорите за национално единство за решавање на важните прашања во оваа фаза на пристапувањето на земјата во евро-атлантските иницијативи“, соопшти Владата.
