Трагедија во Тетово: Во пожар на куќа изгореа мајка и четири малолетни деца

Објавено: 25 јануари, 2018, во 09:10 часот

 

Пет лица, мајка и четири малолетни деца, најверојатно се жртви на големиот пожар што утрово околу 3.30 часот ја зафатил куќата на семејството Зулбеари на улицата Гоце Делчев бр. 185 во Тетово, според изјави на соседите и членови на семејството.

Според нивните кажувања, жртвите се Фатиме Зулбеари (39), а децата се на возраст од четири до 13 години, три машки и едно женско. Сопругот и татко бил ноќен чувар и не бил во домот кога се случил пожарот.

Во моментот се врши увид на лице место од страна на јавен обвинител, лекар по судска медицина и екипа на СВР – Тетово.

Командирот на тетовската Територијална противпожарна единица Ука Алити информираше дека пријавата за пожарот кај нив пристигнала во 4.15 часот од лице по што на самото место интервенирале четири противпожарни возила и 13 пожарникари.

– Во моментот кога дојдовме три куќи беа зафатени од пламените јазици, од кои на средната покривната конструкција беше целосно изгорена. Бидејќи куќите се една до друга и од постар датум, имаше опасност пожарот да ги зафати и другите куќи, меѓутоа со максимално залагање спречивме проширување на огинот на соседните објекти – изјави Алити

Пожарот е целосно локализиран и ставен под контрола, меѓутоа во средната куќа најверојатно има жртви и тоа ќе биде работа на увидните екипи.

Засега не се знае ниту точната причина од што избувнал пожарот, рече Алити.

Пожарот во полицијата е пријавен околу 5 часот утрово. Од таму за Плусинфо велат дека е изгорен горниот кат од куќата и покривот, но потврда за бројот на жртви засега од МВР нема.
Сè уште трае увидот и повеќе детали се најавуваат за подоцна.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.