Министерот Спасовски: Не е задоцнето враќањето во МВР на Лазаревски и Костовски, на македонската јавност ќе и кажам дека има причина за тоа

Објавено: 20 декември, 2018, во 17:06 часот

Ministerot Oliver Spasevski fin

Поранешните службеници во МВР, укажувачите Ѓорги Лазаревски и неговиот колега Звонко Костовски, се вратени на своите стари работни позиции. Тоа го потврди денеска во Велес Министерот Оливер Спасовски во одговорот на новинарско прашање дали навистина беше потребно толку долго време за да се вратат двајцата на старите позиции ако се има во предвид нивниот придонес за откривање на аферата со прислушувањето во 2015 година.

– Ова е многу важно ако сакаме да ја демократизираме Република Македонија, да ги демократизираме и персонализираме институциите. Мене ми преставува задоволство што го направив приемот на двајцата високи професионалци во МВР кој се јавија во улога на укажувачи и практично и соопштија на јавноста што се случувало и како бил злоупотребуван системот со прислушување. Драго ми е што ќе бидат дел од МВР и што до крајот на својата работна кариера ќе можат да се вложат во развојот на министерството и во безбедноста на граѓаните. Дали не е задоцнето нивното превземање? Јас сакам на македонската јавност да и кажам дека има причина за тоа. Прво чекавме да се заврши сведочењето за предметите кои што се водат пред суд за да не оставиме можност адвокатскиот тим да се жали дека тие кои што во исто време работат во МВР изнесуваат сведочења и сознанија во рамките на судските процеси, рече министерот Спасовски.

Тој додаде дека правдата која што ја очекуваат граѓаните треба да ги стигне сите па и тие кои одговараат пред судот. Во моментот кога завршиле сведочењата на сведоците тогаш Лазаревски и Костовски биле вратени назад на работните места во МВР и дека тоа била единствената причина за одредување на тајмингот за нивно враќање на старите работни места.

Звонко Костовски е главниот инженер во Одделот за одржување и телекомуникации на Петтата управа во УБК, а потоа раководител во одделот за информатичка и техничка поддршка. Костовски го надгледувал техничкиот процес на спроведување на незаконското следење на комуникациите. По барање на лидерите на групата која е обвинета во предметот „Таргет-Тврдина“, тој креирал посебни кориснички профили и ги групирал со име „важно“ овозможувајќи им на креаторите на групата пристап до системот за надзор и можност да ги слушаат пресретнатите комуникации лично на своите компјутери. Костовски потоа материјалите му ги предал на Ѓорѓи Лазаревски, а тој му ги дал на ексдиректорот на УБК, Зоран Верушевски за на крајот Верушевски да му ги предаде на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Материјалите со нелегално прислушувани разговори во Петата Управа, потоа го добија името „бомби“ и открија многу случаи на коруптивно и криминално однесување на функционери од децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ . Лазаревски и Костовски беа обвинети во случајот Пуч, од кој се откажа СЈО. /У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.