Трговското семејство Виларови во стар Велес
Објавено: 7 јануари, 2019, во 14:32 часот
Семејството на Тоде и Мица Виларови било едно од најстарите, најпознатите и најголемите во Велес. Не постојат точни информации од каде му се корените на семејството. Се знае само дека татко му на Тоде, роден во средината на 1767 година, најнапред се занимавал со земјоделие, а подоцна станал трговец. Тој живеел во мала куќа во Бузана се додека во 1795 година му се родил синот Тоде. Тогаш семејството се преселило во поголема и поубава куќа на плоштадот на Мегдан. Куќата ја купиле од семејството Анзовци.

Мица и Тоде Виларови
Во неа раснел Тоде, завршл основно училиште и кога наполнил петнаесетина години го наследил татковиот трговски занает. Купувал и продавал градинарски производи и добиток. До дваесеттата година го „испекол“ занаетот и станал ерген кој се оженил со убавата мома велешанка Мица. Тоде и Мица создале семејство со четири сина. На свет прв им дошол Јован, па Перо, па Лазо и на крајот Игно. Работеле и живееле убав живот.
Синовите растеле, учеле и стигнале за женење. Женејќи се, еден по еден, го зголемувале семејството. Ја наполниле куќата со снаи и со деца. Сите синови работеле со татка си како трговци.

Дедото на Цветанка Виларова
Прв се оженил Јован и имал три сина: Диме,Милан и Анде. По него се оженил Лазо со Мaца и ним им се изродиле еден куп децa, cиновиte Алексо, Милан, Христо, Арсо, Трајко и Ангеле и ќерките Пандора, Султана, Ката и Рајна. Перо имал две деца: син Стево и ќерка Ленче. Игно станал татако на четири сина Симон, Милан, Ангеле и Тоде и на три ќерки Маре, Васа и Анисија.
Годините минувале. Бројот на членови во семејството Виларови постојано растел. Тоа воопшто не преставувало проблем за сложните браќа трговци и нивниот татко кои добро тргувале и отворале продавници и дуќани на пазариште, кај Потокот и на главната улица во Велес.

Цветанка Виларова со другарка
И синовите на Лазо се ожениле. Алексо се оженил и станал татко на син Киро и на три ќерки Рајна, Нада и Марика. Милан има син Лазар- професор на Земјоделски факултет во Скопје и две ќерки Марика и Василка. Христо има син Атанас и три ќерки Бојка, како и Александра и Катерина, познати учителки. Трајко бил татко на две ќерки Родна и Васа додека Ангеле како комита храбро загинал во близина на селото Капиново и не оставил никаков пород.
„Навистина сум горд што сум дете од велешкото семејство Виларови кое поради својата чесност и работливост било од прадедо, дедо и татко ценето и почитувано од сограѓаните. Тоа дало жртва за создавањето и за постоењето на слободна и независна Македонија, “ рече Димче Виларов, син на Стеван.

Стефан Виларов – помладиот, на изградбата на брана на велешко езеро Младост
Синови на Арсо и Пандора се Јордан, Стефан и Лазо а ќерки Марионка, Василка и Гроздана. Синот Јордан и сопругата Марија се родители на син Јован и ќерките Василка, Снежана и Кoстадинка. Јован е татко на синот Јордан и на ќерката Марија. Јордан се оженил со Елена и имаат ќерка Мила. Стеван и Цветанка Виларови се родители на син Диме и две ќерки Пандора и Лилја. Синот Диме се жени со Славица и има две деца, син Стефан и ќерка Цветанка додека синот на Димче Стефан се жени со Линдзи и има две ќерки Софија и Грејси. Лазо и Цвета се родители на син Арсо и ќерките Савка и Гроздана. Ќерката на Арсо Марионка има две ќерки Галаба и Нада.

Стефан Виларов-помладиот со сопругата
Од потомците на семејството Виларови најголем трговец бил Арсо, синот на Стефан (1907 – 1997) . Тој бил сопственик на голем дуќан кај куќата на Коробарови. Работата му одела многу добро. Меѓу првите во Велес купил камион со кој во дуќанот носел роба од повеќе места од Србија, Грција и Бугарија. Неговиот дуќан бил место каде што се собирале напредните младинци на чело со големиот борец за правда Панко Брашнар. Јордан учествува во напредното движење и бил учесник во НОВ. И покрај сите заслуги во 1948 година ,во времето на Информбирото, тој со Панко Брашнаров бил испратен на Голи Оток. По враќањето се вработил како книговодител во ГП „Дервен“, а потоа како комерцијалист во фабриката за талк. Негова сопруга била велешанката Марија Киркова.

Помал дел од потомците на семејството Виларови
И Арсо имал син што се викал Стефан. Тој по завршување на основно и средно училиште се вработил во млинот за брашно во Петровец од каде заминал во партизани и учествувал во НОВ. По ослободувањето се вработил во „Гранап“ а потоа станал магацинер во складот на „Југопетрол“. И напредувал во работата за во 1949 година да биде назначен за директор на ГП„Дервен“. Еден дел од работниот век поминал и како службеник на ГП„Пелагонија“ додека од 1961 до пензионирањето во 1973 година, бил директор во „Жито Вардар“.
Братот на Стефан, Лазо бил вработен во фабриката за масло и во Свилара за потоа во 1960 година да се пресели во Скопје. Ордан и Лазо учествувале во НОВ додека неколкумина од семејството Виларови заминале за Бугарија од каде никогаш повеќе не се вратиле во Велес.

И денеска ова старо градско семејство е големо. Тоа во стар Велес било меѓу најпознатите, вклучен во сите пори на живеењето на родниот град.
Немало жител што не ги познавал од најстарите до најмладите. Денеска негови потомци се синовите на Тоде, Перо и Игно. Ним ќе им посветиме нареден текст. А за овој податоците ги добив од Димче Виларов, синот на Стефан и Цвета како и од Јован Виларов на кои им сум особено благодарен.
Стоилко Андреевски


