Престижната актерска награда „Петре Прличко“ годинава за Слободан Степановски, актер на битолски театар

Објавено: 6 ноември, 2020, во 15:04 часот

SlobodanStepanovski fin

6.11.2020

„Кога ја одбираат професијата и се запишуваат на академијата, актерите се замислуваат себеси ислучиво во ролјите од ѕвезданиот репертоар: веруваат дека „со гаранција“ ќе ги играат исклучиво Орест, Ромео, Хамлет, Алсест, Едип, Вујко Вања, Лир…Сепак, во драмските партитури – дури и во оние помалку познати и изведувани – има неспоредливо повеќе мали и најмали ролји. Тоа се сите оние есенцијални и хиперфункционални „актерски задачи“ кои се викаат епизодни – „supporting role“ и за кои (во таму-некој си голем свет) рамноправно се наградуваат со оскарите, пишуваат во образложението за доделување на наградата „Петре Прличко“ годинешниот претседател и членови на Комисијата поточно режисерот Дејан Дамјановски и членовите театралогот Сашо Димовски, в.д директор на велешки театар како и Драган Миладиновски, актер.

Тие годинава одлучуваа по пристигнати пет кандидатури за престижната актерска награда и тоа од МНТ од каде е предложен актерот и внук на Петре Прличко, Игор Џамбазов, од Народен театар Битола актерот Слободан Степановски, од Театар Комедија актерката Магдалена Ризова-Черних, од НУЦК актерот Горан Илиќ и актерката Дубравка Киселички од НУЦК „Трајко Прокопиев“од Куманово.

Според едногласната одлука на Комисијата годинешен добитник на наградата „Петре Прличко“ е актерот Слободан Степановски.

Во образложението на Комисијата се додава дека ниту еден од драмските протагонисти/јунаци не би можел да ги покаже своите ѕвездалиски потенцијали или дијапазони сам. Театарот е колективна игра и уметност, токму како и фудбалот, во која – за да се се стигне до целта – сите мора да се на теренот и сите интензивно трчаат и комбинираат до бесвест, испотени до коска.

„Слободан Степановски тоа го правеше и продолжува да го прави чесно, доследно, одговорно, со искрено убедување, со полни гради и чисто срце. Среќен и исполнет, како секој автентичен тимски играч кој истрчал 43 години долга и пребогата кариера, маркирана со дури 90 професионално одиграни ролји. „Прличковец“ без дамка и без задршка, големиот актер достоен на небесниот ктитор на оваа награда!“, пишува во соопштението за јавност.

Актерската награда „Петре Прличко“ годинава поради актуелната состојба со ковид-19 нема да се додели на одбележувањето на 9 Ноември – денот на градот,  туку во пригода што ќе се случи во Велес штом градот и државата се справат со епидемијата на вирусот. Тогаш, на врачувањето на наградата, во чест на годинешниот добитник актерите на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе одиграат претстава.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.