82 години слободен Велес – „Од срцето на традицијата до иднината со надеж!“

Објавено: 9 ноември, 2026, во 14:50 часот

Со положување свежо цвеќе во Спомен костурницата и пред бистите на истакнатите македонски револуционери, организатори на Народноослободителната борба (НОБ) и народни херои Благој Страчковски и Димче Мирчев, во Младинскиот парк, Велес го започна одбележувањето на 82 годишнина од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор.

Во Спомен-костурницата, претпладнево, беше изведена и културно уметничка програма и  мини концерт на Менка Богоевска на виолина и Емилија Кабранова Филипова на пијано. Уметниците изведоа дела од Томислав Зографски.

-Им оддадовме почит на оние кои не се двоумеа да го дадат највредното за својот град и својата татковина. Нека живее споменот на хероите, нека живее нивниот непокор и нека живее слободен Велес!,“ напиша во деветоноемвриската честитка градоначалникот Марко Колев.

Вечерва, Општина Велес, ќе одржи Свечена академија на која ќе им бидат врачени деветоноемвриските награди и признанија на годинешните добитници. Исто така ќе бидат доделени и највисокото општинско признание – наградата за животно дело „Гемиџии“ како и наградата „Проф. д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ за најдобар студент.

Во чест на годинешните наградени концерт ќе одржи Национален џез оркестар.

Убавка Јаневска

Фото: Општина Велес


Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.