Кривична против вработена во филијала на штедилница во Кавадарци за злоупотреба на парични средства на граѓани
Објавено: 10 ноември, 2026, во 12:40 часот
Кривичната пријава е поднесена против С.Г.(51) од Кавадарци. Одделение за внатрешни работи (ОВР) Кавадарци ја поднесе во Основно јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека С.Г сторила кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „проневера во службата“.
-Имено, С.Г., вработена во филијала на штедилница во Кавадарци, подолг период вршела злоупотреби на парични средства на штедачи, реализирала фиктивни кредити на име на оштетени граѓани и не извршувала прописно евидентирање на нивните депозити, со што се стекнала со противправна имотна корист. Полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделот за криминалистичка полиција при МВР – Сектор за општ и насилен криминал и семејно насилство и службеници од Финансиска полиција во координација со Основното јавно обвинителство Кавадарци презедоа предистражни дејствија и извршија претреси на повеќе локации, при што биле пронајдени и одземени предмети и документација во врска со настаните, соопшти Ана Милевска Ѓеоргиева портпаролка на Сектор за внатрешни работи Велес.
Исто така, осомничената С.Г. била обезбедена и изведена пред ОЈО Кавадарци, кое доставило предлог за определување мерки на претпазливост, одземање на патна исправа и обврска да се јавува во суд.
Убавка Јаневска


