(фото) Трујачот на животни со Ланате во Глишиќ конечно е фатен
Од здружението за заштита на животните ,,Спаси живот, добиј живот, помогни им на животните” Кавадарци, известуваат дека конечно е фатен трујач на животни и истиот го признал делото.
Станува збор за лице на возраст од 32 години кој минатата недела во Глишиќ расфрлал Ланате во салама и во агонија и страшни болки умре маалското куче Белка. Против трујачот веќе се воделе постапки за две кривични дела.
„По пријава од активист за заштита на животните, полицијата излезе на терен, и од кримтехника земени се примероците кои трујачот ги искористил за труење – велат од здружението“ и апелираат до сите граѓани, кои ќе наидат и видат било каков случај што е закана по живот и за животните и за луѓето веднаш да пријават во полиција.
Од ,,Спаси живот, добиј живот, помогни им на животните” исто така упатуваат порака до оние кои ќе се осмелат да трујат, да исфрлаат цели легла на новородени мачиња, кучиња, исто и напуштање на миленици или малтретирање, дека бурно ќе реагираат и секој случај ќе биде пријавен по што ќе следи и кривична постапка.
Во повеќе наврати во Кавадарци и околината се случува несовесни граѓани да расфрлаат отров, со цел да се отрујат мачки и кучиња, но тоа е опасен потег, бидејќи не се размислува дека може да настрада и некое дете.
Ангел Данов