Градоначалникот на Општина Лозово, Цветковски, е нов Претседател на Советот за развој на Вардарски плански регион
Изборот на новиот Претседател на Совет за развој на Вардарски плански регион (ВПР) се случи на вчерашната седница, во Кавадарци. Градоначалниците на општините на Вардарски плански регион едногласно го избраа Бошко Цветковски.
„Вардарски плански регион служи за пример, како треба да функционира еден центар за рамномерен развој. Оттука сакам да потенцирам дека во периодот што е пред нас, силно ќе се залагам за носење на квалитетни одлуки, за подеднаков развој на сите единици на локалната самоуправа во Вардарски регион, без разлика на политичката припадност на нивните раководства, од што, секако, најголем бенефит ќе имаат нашите граѓани, соопшти Цветковски.
Градоначалникот на Општина Лозово се заблагодари за досегашниот ангажман на сега веќе поранешниот Претседател на Советот на ВПР, градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев и порача дека дека тој и членовите ги чека работа и само работа, како силна заложба за силни општини.
Една од позначајните точки на дневниот ред на седницата на Советот на ВПР била завршната фаза на изградба на регионалниот Стационар за бездомни кучиња којшто се гради во Кавадарци и било констатирано дека постапките за негово ставање во функција течат согласно законските рокови. Овој Стационар се очекува да биде решение за сериозните проблеми со кои се соочуваат сите девет општини на Вардарски плански регион.
Убавка Јаневска